Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно му се закани на Иран со нови воени напади, објавувајќи на социјалната мрежа Truth Social дека САД ќе ја таргетираат иранската инфраструктура ако Исламската Република повторно нападне бродови во Ормускиот теснец.
„Од овој момент, секој пат кога Исламската Република Иран ќе пука врз брод во Ормускиот теснец, без разлика дали со ракета, дрон или какво било друго средство или оружје, САД ќе бомбардираат и уништат еден мост или една електрана, вклучувајќи ги и оние што се наоѓаат во близина на главниот град Техеран или во самиот Техеран“, напиша Трамп на Truth Social.
Доналд Трамп се закани дека ќе ја бомбардира иранската цивилна инфраструктура откако Техеран изврши серија напади врз американските бази во Заливот.
Некои експерти за меѓународно право и светски лидери ги критикуваа заканите на Трамп за напад на ирански мостови и електрани како нелегални според меѓународното право што забранува напади врз цивилни цели.
Американската војска бомбардираше цели низ Иран 11-та ноќ по ред во вторник, откако претходно Иран ги таргетираше американските воени објекти во Бахреин, Кувајт и Јордан, а еден танкер беше погоден во Ормутскиот теснец.
Трамп им рече на новинарите во вторник дека американската јавност не е против војната што е започната против Иран и предупреди дека нападите ќе продолжат.
„Тие ќе платат висока цена, тие се десеткувани“, рече тој, објави „Ал Џезира“.
На прашањето за популарноста на американско-израелската војна против Иран, додека бројот на жртви од американските трупи продолжува да расте, Трамп одговори: „Па, Американците не се против војната“.
Анкетите постојано покажуваат растечко противење кај американската јавност на неиспровоцираниот напад врз Исламската Република, кој започна во февруари.
„Американците не сакаат високи цени на бензинот, но не се против војната. Нова анкета штотуку го покажа тоа многу јасно“, додаде тој.
Не е јасно на кое истражување се осврнуваше претседателот.












