сабота, јуни 6, 2026
Дома СВЕТ Трамп повлекува „рачна“: Израел нема повторно да изврши таков напад

Трамп повлекува „рачна“: Израел нема повторно да изврши таков напад

1801
EPA/JIM LO SCALZO / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Израел повеќе нема да извршува напади врз клучните ирански гасни постројки, обидувајќи се да ја смири острата ескалација во конфликтот на Блискиот Исток. Неговата изјава доаѓа само неколку часа откако, според достапните информации, токму Вашингтон даде зелено светло за еден од најчувствителните напади досега.

Израелските воздухопловни сили погодија постројка за преработка на гас во југозападен Иран, поврзана со најголемото гасно поле во светот, познато како Јужен Парс. Ова е прв директен напад врз гасната инфраструктура на Иран, која го формира ‘рбетот на економијата на таа земја.

Техеран возврати со ракетни напади врз индустрискиот комплекс Рас Лафан во Катар, погодувајќи ги постројките за течен природен гас. Според QatarEnergy, предизвикана е значителна материјална штета, но засега нема информации за жртви, пишува Axios.

Нападите предизвикаа загриженост во Катар, чии претставници итно контактираа со американската администрација за да дознаат дали Вашингтон имал однапред знаење за израелскиот напад.

Според извори запознаени со ситуацијата, американскиот претставник Стив Виткоф и командантите на ЦЕНТКОМ одржале серија разговори со катарските власти, обидувајќи се да договорат директен контакт меѓу Трамп и катарскиот емир.

Во објава на социјалните мрежи, Доналд Трамп тврдеше дека САД немале сознанија за израелскиот напад и нагласи дека Катар нема никаква врска со настанот.

Сепак, американските и израелските претставници тврдат спротивното – според нив, Трамп бил свесен за плановите, а операцијата била координирана меѓу него и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Целта на нападот, според израелски извори, била да се одврати Иран од понатамошни обиди за дестабилизација на снабдувањето со нафта преку Ормутскиот теснец.

Трамп истовремено се обиде да ги намали тензиите и да испрати јасна порака до Техеран. Тој рече дека Израел нема повторно да го нападне гасното поле Јужен Парс освен ако Иран повторно не го нападне Катар.

Тој, исто така, нагласи дека Иран направил грешка со напаѓањето на катарските објекти, бидејќи Доха немала никаква улога во израелската операција.

Сепак, американскиот претседател се закани со силен одговор во случај на нови напади. Доколку Иран повторно ја таргетира инфраструктурата на Катар, САД, рече тој, би можеле да го уништат целото гасно поле Јужен Парс со сила „невидена досега“.

Трамп нагласи дека не сака потези што би го дестабилизирале Иран на долг рок, но јасно стави до знаење дека ќе реагира без двоумење доколку нападите продолжат.

Американските и израелските претставници потврдија дека нападот бил координиран и извршен со одобрение на Белата куќа.

ИЗДВОЕНИ