Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави дека одобрил измена на планот за изградба на монументална Триумфална капија во Вашингтон, која според новиот план треба да функционира и како воен комплекс.
Трамп изјави дека градбата, планирана за локација во близина на Меморијалниот мост Арлингтон, ќе служи за сместување и чување на голем број беспилотни летала, додека на покривот и во околината на објектот ќе бидат распоредени снајперисти.
„На силно барање на Армијата на САД и во интерес на националната безбедност, се согласив да ја трансформирам величествената Триумфална капија – планирана уште од времето на Граѓанската војна за кружниот тек што се граничи со Меморијалниот мост Арлингтон – во најсовремен воен комплекс и Триумфална капија“, наведе Трамп на својата платформа за социјални медиуми „Truth Social“.
Според него, комплексот ќе овозможи сместување, чување и брзо распоредување на голем број беспилотни летала, како и позиционирање на снајперисти на покривот и во околината. Таму ќе се чуваат и значителни количества муниција за снајпери. Трамп изјави дека „никаде во светот нема да постои ваква градба“ и додаде дека Вашингтон е единствениот од 59-те водечки светски градови и главни градови што нема триумфална капија.












