По повод Лазарева сабота, пред големиот христијански празник Велигден, денеска напладне во Скопје ќе се одржи традиционалната лазарева поворка која тргнува од дворот на храмот „Св. Димитриј“ и со пеење на лазаревите каланди ќе се движи по улица „Македонија“ и ќе заврши во црквата „Св. цар Константин и царица Елена“.
Пред почетокот на поворката, на учесниците ќе им бидат поделени врбови гранчиња, а за најмладите ќе има и мало изненадување.
Лазаринките се, исто така, древен обичај што го прават домаќинките во пресрет на Лазарева сабота. Тоа се благи колачи, чиј состав потсетува на коливото (пченица) што се прави и принесува во спомен на упокоените. Формата го симболизира четиридневниот Лазар, упокоен и завиткан во погребни повои. Во сабота наутро, жените ги носеле лазаринките в црква и откако ќе завршела светата литургија, им раздавале колачиња на присутните, особено на децата.
Лазарева Сабота е ден кога се сеќаваме на големото чудо, кога Господ Исус Христос го воскреснал праведниот Лазар, четири дена по неговото упокојување. Со ова чудо Христос им покажал на луѓето дека Бог е Бог на животот и дека верата, надежта и љубовта се посилни од смртта. Затоа овој ден е исполнет со радост и претставува почеток на подготовката за Страдалната Седмица и Воскресението Христово.
Манифестацијата Лазареви поворки во Скопје се одржува по трет пат, а ќе учествуваат и градовите како Охрид,Штип и Битола, каде што тие годинава ќе се одржат по прв пат. Додека во Кичево, тие веќе долги години се традиција.












