недела, јули 5, 2026
Дома БАЛКАН Тензично на протестите во Тирана: Демострантите му приредија на Рама „незаборавен“ роденден

Тензично на протестите во Тирана: Демострантите му приредија на Рама „незаборавен“ роденден

23
EPA/MALTON DIBRA

Еден од најголемите протести во историјата на Албанија се одржа синоќа во Тирана, со учество на неколку стотици илјади учесници, меѓу кои и голем број Албанци од дијаспората кои пристигнаа во метрополата од неколку европски земји, како и Албанци од соседните земји, објавија албанските медиуми.

Протестот започна во 19 часот, од плоштадот Скендербег, до плоштадот на народните херои и пред зградата на владата, каде што неколку говорници се обратија на толпата, повторувајќи ги веќе добро познатите барања за оставка на премиерот Еди Рама и формирање „непартиска влада со едногодишен мандат“. Потоа продолжија со марш низ градот.

Протестот траеше шест часа и заврши пред Полицискиот комесаријат бр. 3, каде што се притворени 21 лице, приведени по насилниот протест во четвртокот пред албанскиот парламент. Таму, тие побараа нивно ослободување, насочувајќи се кон полициската зграда и кршејќи прозорци, што ја натера полицијата да употреби водени топови.

Како што објави порталот Mashqip, најголемо внимание привлече симболиката избрана за роденденот на премиерот Еди Рама, кој вчера го прослави својот 62-ри роденден.

Демонстрантите првично донесоа бетонска торта со натпис „Уште 100 години затвор“, украсена со фламинго кое стана симбол на протестите, кои започнаа против изградбата на луксузен ресорт на островот Звернец.

Како што објавија медиумите, она што предизвика бројни остри реакции и осуди на социјалните мрежи беше ковчегот што го носеа демонстрантите.

„Одвратно! Срамно! Ковчегот не е поезија, тој симболизира смрт. Ова оди подалеку од омразата“, беа најчестите реакции. Друг симбол на протестот беше статуа со црвени очила, на која пишуваше „Последниот диктатор“, која демонстрантите ја соборија и ја шутираа. Организаторите ја споредија акцијата со рушењето на комунистичките споменици во 1991 година.

Еден демонстрант донесе и затворска униформа, заедно со сапун, брашно и брич, нарекувајќи ги „подароци за роденден за Рама“, во иронична порака што беше поврзана со барањата за истрага и отстранување на премиерот од власт.

Демонстрантите мавтаа со албански и американски знамиња, скандираа „Нова Албанија“, „Рама си заминува“, „Рама во затвор“, „Бериша во затвор“.

Демонстрантите најавија протест за денес пред судот во Тирана каде што ќе бидат узречени безбедносни мерки за притворените.

Организаторот на демонстрациите, Едисон Лика, објави дека протестот ќе биде организиран вечерва и дека ќе продолжи секој ден до заминувањето на Рама.

ИЗДВОЕНИ