Федералниот судија во Вашингтон Зија Фаруки остро ги критикуваше условите во кои е држен Кол Ален, обвинет за напад за време на вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа, а во еден момент дури и му се извини за она што го нарече претерано рестриктивен и казнен третман во затворот каде што се наоѓа.
Адвокатите на Ален тврдат дека тој бил ставен под надзор за евентуално самоубиство по неговото пристигнување во затворот минатата недела, што значи дека бил држен во обложена ќелија со вклучено светло цело време, без пристап до телефон или таблет за да може да чита судски документи и правни материјали. Тие велат и дека минатата недела не му бил даден пристап до Библија и дека не можеле приватно да разговараат со него.
Во еден момент, за време на сослушувањето Фаруки му рекол на Ален дека е „длабоко загрижен“ за „начинот на кој се однесува кон него“, па му се извинил поради проблемите во првата недела од притворот.
Претставникот на затворската администрација Тони Таунс изјавил дека споменатите проблеми ќе бидат решени во наредните денови и дека Ален наскоро ќе добие таблет.












