Македонија има реален потенцијал за забрзан економски раст и подобрување на животниот стандард, но тоа ќе зависи од спроведувањето на суштински структурни реформи, оцени директорката на Светска банка за Македонија и Косово, Карол Межеван, во интервју за МИА. Таа посочува дека земјата успешно ја зачувала макроекономската стабилност и покрај последователните глобални кризи, а во 2025 година остварила една од највисоките стапки на економски раст во Западен Балкан. Според неа, растот бил поттикнат од инвестициите во инфраструктурата, развојот на услужниот сектор, како и од подобрувањето на состојбата на пазарот на трудот, што придонело за повисоки плати и намалување на сиромаштијата.

Сепак, Межеван предупредува дека земјата и понатаму се соочува со сериозни структурни предизвици, пред сè со негативните демографски трендови и ниската продуктивност. Стареењето на населението и иселувањето на младите ја намалуваат работната сила, додека недоволните инвестиции во иновации и технолошки развој го ограничуваат економскиот потенцијал.

Како приоритети ги издвојува подобрувањето на конкурентноста, поефикасното фискално управување и реформите во јавната администрација, како и поголемите инвестиции во образованието, развојот на вештините и човечкиот капитал.

Межеван нагласува дека овие реформи се усогласени со процесот на пристапување во Европската Унија и, во комбинација со инфраструктурните проекти како Коридорите 8 и 10-д, можат да создадат услови за побрз економски раст, повеќе квалитетни работни места и постепено приближување на животниот стандард до европското ниво.

ИЗДВОЕНИ