Наредната година треба да биде завршен гасоводниот интерконектор со Грција, еден од најзначајните енергетски инфраструктурни проекти во државата, чија изградба се одвива со засилена динамика. Завршени се 95 проценти од експропријацијата, расчистени се околу 85 проценти од трасата, а производството на сите цевки предвидени за проектот е целосно комплетирано. Досега се испорачани цевки во должина од 34 километри, од кои 21 километар се веќе распоредени по должина на трасата. Реализирани се повеќе од 800 успешни заварувања, заварени се 13,7 километри цевковод, а над 6,3 километри цевки веќе се положени во земја. Воедно, завршени се шест од седумте планирани премини под патишта, додека обезбедени се околу 65 проценти од придружната опрема и блок-станиците.
– Овој проект претставува инвестиција во енергетската безбедност, економската стабилност и идниот развој на државата. Наш приоритет е проектот да се реализира квалитетно, навремено и со максимална динамика. Процесот е забрзан и сите институции работат координирано за успешно завршување на оваа стратешка инвестиција – изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Со изградбата на гасоводниот интерконектор, државата ќе обезбеди нов влез за природен гас, пристап до повеќе извори на снабдување, поголема диверзификација и повисоко ниво на енергетска сигурност, како и посилно поврзување со регионалната и европската енергетска инфраструктура.
Изградбата на гасната инфраструктура останува еден од клучните приоритети на Номагс, а паралелно со забрзаната реализација на интерконекторот со Грција, во тек е и постапката за избор на изведувач за гасното поврзување со Србија. Според извршниот директор на „Номагас“, Недим Рама, доколку тендерската процедура се одвива според планираната динамика, градежните работи би можеле да започнат веќе во август.
Како што посочува Рама, евалуацијата на пристигнатите понуди се очекува да заврши во текот на јули. Новиот интерконектор со Србија, во должина од околу 24 километри, ќе има годишен капацитет за пренос од приближно 1,4 милијарди кубни метри природен гас.
Тој оценува дека со реализацијата на интерконекторите со Грција и Србија, земјата ќе добие посигурен и подиверзифициран систем за снабдување со природен гас, ќе се поттикне конкуренцијата на домашниот пазар, а Македонија ќе создаде предуслови во иднина да стане регионален транзитен коридор за природен гас.

Во однос на интерконекторот со Грција, Рама нагласува дека проектот ќе овозможи пристап до повеќе извори на природен гас, вклучително и до терминалите за течен природен гас (ЛНГ) во Грција, што ќе придонесе за поголема сигурност во снабдувањето и намалување на зависноста од единствен извор.
Дополнителен импулс за развојот на националната гасна мрежа, според него, претставува финансиската поддршка од Европската банка за обнова и развој, која обезбеди средства за изградбата на интерконекторот со Грција, како и за гасоводните делници Гостивар – Кичево и Свети Николе –Велес.
Рама истакнува дека сите нови проекти се проектирани според европските стандарди и се подготвени за транспорт на водород, што ќе овозможи нивно користење и во процесот на енергетската транзиција и декарбонизацијата.
Во следниот период, „Номагас“ ќе продолжи со модернизација на постојниот преносен систем преку реконструкција на блок-станици, воведување современи мерни системи и имплементација на нов СКАДА-систем за управување со гасоводната мрежа.
Во развојните планови на компанијата се и изградбата на делниците Гостивар – Кичево, Свети Николе – Велес, Кичево – Охрид и Охрид – Битола, со што ќе се заокружи националната мрежа за пренос на природен гас. Покрај тоа, „Номагас“ работи и на ставање во функција на гасоводот од Клечовце преку Неготино и Прилеп до Битола, како и на реактивирање на проектот за гасно поврзување со Косово, кој во иднина би овозможил и транзит на природен гас кон соседната држава.
Според Рама, природниот гас ќе остане клучно транзициско гориво во наредните години, додека новата инфраструктура ќе создаде услови за постепено интегрирање на нискојаглеродни енергенти, вклучително и водород, во согласност со европските политики за зелена енергетска транзиција.
(С. Бл.)












