понеделник, септември 14, 2026
Дома СВЕТ Страв меѓу странците во Германија по подемот на АФД, некои си ги...

Страв меѓу странците во Германија по подемот на АФД, некои си ги пакуваат куферите

1

По победата во Саксонија-Анхалт, Алтернатива за Германија во неделата го постигна својот најголем резултат во Долна Саксонија

Сè посилниот политички подем на десничарската партија АФД (Алтернатива за Германија) ги зголемува вознемиреноста и загриженоста кај странските работници и кај имигрантските заедници низ цела Германија.

Во пресрет на новите избори во Берлин и Мекленбург-Западна Померанија, во добро познати мултикултурни области како што е, на пример, Кројцберг во Берлин, темата за можна емиграција од Германија одеднаш стана една од главните во секојдневниот разговор. Педесетгодишниот Хасан пристигнал во главниот град на Германија пред 20 години, од Анкара, пишува „Фокус“. За него и за неговите турски сонародници, вели тој, Германија „отсекогаш значела многу добри работи“: слобода, демократија, толеранција и благосостојба. Но, она што се случува сега, според Хасан, оди во погрешна насока. Мисли на зајакнувањето на АФД.

– Она што го планира таа партија со Германија, за мене, значи почеток на крајот на сè што ја направи оваа земја вредна за живеење и сакање – вели Хасан.

По Саксонија-Анхалт, на 20 септември, Берлин и Мекленбург-Западна Померанија ќе избираат нови парламенти. На улиците на шарениот Кројцберг, присуството на АФД е речиси невидливо – на постерите доминираат зелените, левицата, ЦДУ и СПД, пишува магазинот „Феникс“. На повторените избори во 2023 година, АФД освои само 3,7 проценти во Кројцберг, првенствено затоа што секој втор жител има мигрантско потекло. Сепак, во анкетите на федерално ниво, партијата достигнува речиси 30 проценти. Затоа трговецот со овошје и зеленчук Омер (44), роден во Берлин како син на турски имигранти, е огорчен од актуелната владејачка коалиција, но вели дека никогаш не би гласал за АФД.

– Омразата што ја шират е неподнослива. Ако стане Алтернатива за Германија уште посилна тука и во остатокот од земјата и дојде на власт, ќе се преселам во Турција со сопругата и со децата, иако навистина не сакаме да заминеме – вели тој.

Курдот од Ирак, Ахмед (22), кој живее во Германија седум години и нема право на глас, вели дека го растажува расизмот што доаѓа од АфД, но смета дека странците кои не ги почитуваат правилата и вршат кривични дела мора да си одат.

– Поради победата на Алтернатива за Германија во Саксонија-Анхалт и нејзиното зајакнување низ целата земја, првпат се плашам дека повеќе не сум безбедна тука. Знам дека нема да ме заштити мојот германски пасош од самоволието на AфД бидејќи не сум биогерманка (изворна Германка) – предупредува Пајиз, Курдка од Ирак, која живее во Германија веќе две децении.

Таа додава дека емиграцијата сега е главна тема во мигрантските кругови.

– Сите зборуваат за тоа и сите се плашат. Моето семејство и јас веќе размислуваме во која земја би можеле да се преселиме ако дојде AфД на власт – посочува таа.

По победата во Саксонија-Анхалт, АфД го потврди вртоглавиот подем на изборите во неделата, во Долна Саксонија, иако немаше најдобар резултат. Во таа покраина победи владејачката ЦДУ на канцеларот Мерц со 27,2 проценти од гласовите. Следуваат СПД со 24,6 проценти, па АфД со 15,9 проценти. На претходните окружни избори во Долна Саксонија, во 2021 година, Алтернатива за Германија освои само 4,6 проценти од гласовите, така што на овие избори забележа особено силен раст и го постигна својот најдобар досегашен резултат на локалните избори.

 

ИЗДВОЕНИ