Стотици илјади гласни сколовранци го „окупираа“ Рим на својот пат од Северна Европа кон потоплите краишта.
Овие птици познати по своите спектакуларни летачки формации, феномен познат како „мурмарација“ и по исклучителната способност за имитирање звуци им создадоа проблеми на жителите кои се обидуваат да ги избркаат од дрвјата во прометните делови на градот, каде што тие се одмораат и собираат сила пред сезоната на парење.
Тридневен експеримент, спроведен оваа недела во една населба во североисточен Рим, можеби вродил со плод: сопственици на продавници и граѓани од своите прозорци емитувале заглушувачка бучава – симулација на крик за помош со надеж дека тоа ќе ги одврати птиците од населување во тој дел.
Матео Ѕоки, советник задолжен за прашања од животната средина во третата административна општина на Рим за АФП истакна дека целта на надлежните е птиците само „малку да се поместат, за да може овој простор малку да здивне“.
-Проблемот е огромен, бидејќи моравме постојано да ги чистиме улиците, рече тој.
Иако се фасцинантни додека летаат, овие друштвени птици со точки по пердувите се исклучително бучни кога ќе дојде време за спиење. На зајдисонце тие се спуштаат од небото за да се сместат на дрвјата, а нивната какофонична врева е едноставно невозможно да се игнорира. Кога в зори ќе одлетаат за да бараат храна на отворените полиња, тротоарите и автомобилите остануваат покриени со лизгав измет – непријатна последица од нивната посета. Некои жители и купувачи на улицата „Виале Јонио“, која е особено погодена од овој проблем почнаа да користат чадори како заштита. Роберто Бененато, кој работи во слаткарница лоцирана под дрворедот од платани на оваа улица, вели дека е невозможно да се паркира возило на улицата, бидејќи постои страв дека, по враќањето, тоа ќе биде целосно покриен со измет.
-Но, најлошото нешто… е всушност ужасната смрдеа од птичји измет, со која се соочуваме изминативе недели. Ти влегува директно во носот, ти се вовлекува во главата. Не можеш ни да дишеш како што треба. Навистина непријатно, рече тој.
Како што бројот на сколовранци од година во година се зголемува, граѓаните измислуваат нови начини за да ги избркаат. На примр, кога птиците ќе се смират на гранките кон нив насочуваат ласерски зраци, им пуштаат соколи и слично.
Сколовранците во Рим се атракција за туристите и фотографите, кои се фасцинирани од нивните спектакуларни јата што се движат како едно тело.












