– Националниот едношалтерски систем претставува еден од најзначајните проекти за дигитализација и модернизација на постапките со увоз, извоз и транзит на стоки. Неговата цел е да обезбеди единствена електронска платформа преку која ќе може компаниите побрзо и поефикасно да ги спроведуваат законските постапки поврзани со надворешната трговија – истакна заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски, на седницата на која претседаваше со Комитетот за управување со националниот едношалтерски систем.
На Комитетот беше потврдено успешното завршување на тендерската постапка, како и информацијата за склучување договор со најповолниот понудувач за испорака и инсталација на новиот едношалтерски систем, НЕС.
Според договорот, избраниот конзорциум има обврска до крајот на 2027 година да го операционализира системот и да го стави во функција. Овој софтвер подразбира дека во иднина сите дозволи за увоз, извоз и за транзит, како и плаќањето, ќе се одвиваат по електронски пат, на една точка.
Целта на реформата е да ја олесни трговијата преку рационализација на процесите при апликација и издавање дозволи, да се постигне размена на податоци меѓу сите институции на национално ниво, подобра соработка, како и координирани активности во рамките на овој систем.
Република Македонија е дел од проектот за олеснување на транспортот и на трговијата во земјите од Западен Балкан, каде што една од компонентите е спроведувањето на овој национален едношалтерски систем, што подразбира целосна замена на тековниот систем за управување со дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки со нов систем.












