Хаос, стампедо и секунди што живот значат – вака сведоците ја опишаа кобната ноќ во „Пулс“, посочувајќи дека пожарот за само неколку моменти ја претворил дискотеката во стапица без излез.
Еден од сведоците кој бил гостин таа вечер, изјави дека огнот се раширил низ целиот плафон за околу 30 секунди, по што настанала паника. Во обид да се спаси, врз него паднала ПВЦ врата, а над него имало уште неколкумина. Како што рече, бил извлечен со помош на лице од обезбедувањето и пожарникар.
Сведокот Мартин Димитров посочи дека пожарот почнал околу 2:30 часот, по што веднаш се обидел да се евакуира заедно со неговата девојка.
„Им реков на другарите да излезат, тие не беа свесни. Ја фатив девојка ми и ја оттурнав кон излезот. Ако задоцневме 8 до 12 секунди, немаше да излеземе“, сведочеше Димитров.
Тој опиша дека дел од присутните не сфаќале што се случува и останувале на масите, додека други во паника се туркале кон единствениот излез. „Кога се свртев назад, сè беше темно. Почнаа да пукаат светилки“, рече тој, додавајќи дека надвор владеел целосен хаос. Кажа дека не забележал противпожарни апарати или хидранти во објектот, а единствените обележја биле стрелките за излез над вратата. Во обидите за гаснење го видел само фотографот Александар Ѓорѓиев, кој се обидувал да го изгасне огнот со чаша вода.
Присуство на малолетници во дискотеката потврди и сведокот Анастасија Илиева, која истакна дека никој не им побарал лични карти на влезот. „Бев со четири другарки, две од нив беа малолетни“, рече таа.
Посведочи дека околу 2 часот почнал настапот на групата ДНК, а половина час подоцна биле активирани пиротехничките средства. „Пејачот кажа дека се запалило, но мислевме дека е нешто мало и дека ќе се изгасне“, изјави таа. Обидувајќи се да излезе, наишла на стампедо кај вратата, по што изгубила свест.
„Имаше густ чад и чуден мирис“, рече Илиева, додавајќи дека била спасена преку отвор направен во ѕидот. Таа посочи дека чекала неколку секунди, надевајќи се дека ќе се отвори другата врата, за која претпоставувала дека е заклучена. (П. А.)












