Жената треба да се почитува и сака секој ден, но Денот на жената, 8 Март, е одлична можност да се запознаеме со модерните хероини кои со својата работа, активност и енергија работат светот да биде подобро место за сите нас. Универзалната вистина дека жените го менуваат светот е потврдена во историјата со низа инспиративни приказни на жени кои го менуваат светот, чекор по чекор. И денеска има безброј примери за храбри и успешни жени, со генијални идеи, жени со силно влијание во сите сфери, кои успешно менаџираат, иновираат, конструираат, едуцираат, активни на секое поле во општествената заедница…
Честитајќи им го празникот 8 Март, на сите читателки на весникот ВЕЧЕР, издвоивме неколку наши сограѓанки, современи хероини, кои во исто време се столбови на општеството и домот, жени кои со својот пример се вистинска инспирација и за мажите.
Проф. д-р Билјана Андреска-Богдановска, универзитетски професор, декан, мајка на пет деца
Многу силни жени се моја вечна инспирација
Проф. д-р Билјана Андреска-Богдановска е успешна жена во чија богата биографија има голем број научно-истражувачки трудови,
“Кога ќе се спомене денот на жената, за мене лично тоа претставува синоним на мајката и нејзината силна улога во семејството, но секако и во целото општество. Не сакам да звучи премногу феминистички моето размислување, но сметам дека македонските современи жени се подготвени истовремено да одговараат на толку многу различни улоги во животот и во секоја улога, тие успешно да одговорат. За таа цел, тие се посветени, истрајни, силни борци кои секогаш умеат трпеливо, со голема љубов и со голема вродена мудрост и префинетост да дојдат со својата цел. Овој ден за мене претставува признание и искажување на почит и внимание кон сето она што најважните жени во нашиот живот го прават неуморно за нас. Познавам многу силни жени кои биле моја вечна инспирација што лично ми помогнале да ја разберам вистинската улога на жената и потсвесно низ годините со нивните зборови и дела ме изградиле и мене како жена.
Во тоа име нека е среќен празникот 8 Март на сите македонски жени и на жените низ целиот свет“.
Проф. Никица Мојсоска- Блажевски, Главна извршна директорка во „Македонија 2025“
Наша задача е континуирано да се „бориме“!
Проф. Никица Мојсоска-Блажевски е главна извршна директорка во „Македонија 2025“, невладина организација која годинава слави „полнолетство“, 18 години и во изминативе години се развиваше, се адаптираше според потребите и предизвиците со кои се соочуваше Македонија и континуирано созреваше, градејќи цврста основа за раст и влијание. Како успешна жена важи за промотор на родовата рамноправност во сите аспекти на животот.
„Меѓународниот ден на жената, гледано историски и глобално, претставува прослава на силата, истрајноста и напредокот во општествата и во светот во доменот на правата на жената. Не’ потсетува на жртвите и достигнувањата на жените кои се бореа за еднаквост и за правата кои жените ги уживаат денес. Тоа не смее да се минимизира: замислете дека жените во Швајцарија немале право да гласаат на избори се до 1971 година. Напредокот низ годините во однос на правата на жената е огромен, но сите ние, целиот свет, сите општества имаат уште многу работа на ова поле. Ситуацијата е особено лоша во некои земји на Блискиот Исток и Африка. Сметам дека изминатата декада напредокот е бавен заради рефокусирање на прашањето на еднаквост кон пошироки либерални концепти наспроти родовата еднаквост.
Јас секогаш сум била и останувам промотор на родова рамноправност во сите аспекти на животот – семејството, образованието, кариерата и личниот развој. Сè уште има предизвици што треба да се надминат – рушење на стереотипите за улогата на жената во општеството и домот, намалување на разликите на пазарот на труд, намалување на родовиот јаз во платите, еднакви можности во образованието итн. Оттука, сметам дека „8. Март“ треба да не’ потсетува на минатото, на придобивките, но дека нашата задача е континуирано да се „бориме“ за поголема родова еднаквост.
А, во нашата земја и соседството, овој празник е убава пригода за прослава, дружење и можност да им посветиме сите ние поголемо внимание на жените. Им го честитам празникот на сите жени и им посакувам и порачувам да ги негуваат сите посебни карактеристики на жените како чуствителност, емоционална интелегенција, емпатија, комуникациски вештини, мултитаскинг итн“.
Даниела Ефремова, службеничка, сопруга, мајка, крводарител
Безусловното внимание, почит и љубов треба да е секојдневна
Педесет и осумгодишната Даниела Ефремова од својата 18-годишна возраст е крводарител во Црвениот крст. Таа досега 35 пати има дарувано крв. Активен член на Црвениот крст е од 1988 година и вели дека дополнително се труди да биде дел од иницијативите и од крводарителските акции, кои прават разлика во животот на луѓето.
Како жена крводарител, вели дека, за неа, Осми март, Меѓународниот ден на жената, претставува многу повеќе од еден ден во годината кога добиваат жените цвеќиња и подароци.
– Осми март е ден што нè потсетува на силата, истрајноста и на вредноста на секоја жена, но вистинската почит не треба да се сведува само на овој датум. За мене, најважно е жената да биде ценета, поддржана и сакана секој ден во годината, затоа што тоа не е привилегија, туку право на секоја жена. Тоа е симбол на долгогодишната борба за родова еднаквост, но и поттик да продолжиме да се залагаме за подобра иднина. Во современиот свет и во денешното општество, овој празник сè уште носи различно значење. За некои, тоа е ден на славење на женственоста, а за други – ден на активизам и борба против дискриминацијата и нееднаквоста, која, за жал, сè уште постои. Родовиот јаз во платите, насилството врз жените, предрасудите и очекувањата сè уште се дел од реалноста на многу жени во светот – вели Ефремова.
За оваа храбра и хумана жена, чувството дека може да помогне со дарувањето крв, да даде надеж и втора шанса за некого, е незаменливо и токму тоа ја мотивира да ја продолжи оваа хумана мисија.
Тежнее кон остварување на своите соништа и вели дека со секој здив стои зад своите збор и став.
– Такви се и жените со кои сум опкружена: силни, независни и упорни. Осми март, за мене, е како и секој друг ден, затоа што секојдневно добивам внимание од моето посветено семејство и од луѓето околу мене. Им посакувам на сите жени секој ден да им се дава безусловно внимание и љубов, како во мојот случај. Тоа не е луксуз, едноставно е мој начин на живеење – изјави Ефремова, потенцирајќи дека покрај тоа што се залага за правата на жените и што секојдневно се бори за нив, верува дека хуманоста и помагањето на другите се клучни вредности што сите треба да ги негуваме.
М-р Дилек Реџеп – пијанистка и пијано професор
Правото на образование во саканата професија е влез во едно важно поглавје во животот
М-р Дилек Реџеп е пијанистка и пијано професор која е успешна жена во својата прoфесија. Музичка академија има завршено во Скопје и тука и магистрирала. Досега учествувала на голем број меѓународни натпревари каде учениците под нејзино менторство имаат добиено мноштво награди. Силен љубител е на класична музика и придонесува во афирмација на овој жанр во нашата земја и во светот. Таа е мајка на две возрасни деца и за весникот ВЕЧЕР дава свое видување како го доживува „8. Март“ како жена во современиот свет.
„Од 20 век наваму, иако „8. Март“ како ден на жената, се слави еден ден, сепак означува едно признание, таканаречено „порта за влез на жената во рамноправноста во светот со мажите“. Влезот на жената во тој свет носи многу првилегии и права, но и одговорности и еве јас како образувана и успешна жена од својата област можам конркетно тоа да го потврдам. Правота на жената да се образува во саканата професија, но и да работи и заработува за себе и да е финансиски независна, исто како и мажот, е влез во едно важно поглавје во животот. Со тоа се добива и право за искажување на талентите и во многу области во музиката и во уметностите воопшто, но и во професиите кои дотогаш се сметале за машки. Иако традиционалните сфаќања и улогата на жената се уште се многу присутни во целиот свет, варирајќи различно од културите на живеење, религиите и животните средини, нормално е дека секакво добивање на женските права како рамноправни граѓани, се сметало за ускратување на привилегиите на машката страна и наидувало и наидува и ден денес на голем отпор. Да се успее да се избори жената за својот статус и место во општеството и ден денес е многу тешко, бидејќи освен оваа борба и претстои и борбата за издигнување на своето потомство. Сметам дека „8. Март“, како Ден на жената е одреден датум, потсетување на комплексноста истовремено и убавината на жената и еден подруг поглед и дефинирање на женскиот род од претходното.
Катерина Попева, шампион во бодифитнес, тренер и моден дизајнер
Вашата цел не ја интересира како се чувствувате!
Катерина Попева е персонален и онлајн фитнес-тренер, која во светот на спортот е повеќе од 12 години. Во нејзината богата биографија се наредени многу шампионски титули. Таа неколку кратен државен шампион: Балкански мастерс боди-фитнес шампион, Светски вицешампион топ 4, Арнолд Класик шампион. Нејзиното мото е: Вашата цел не ја интересира како се чувствувате! Мотивација нема да имате секој ден и таа не е она кое ве води но кога имате зацртана цел тоа е она кое ќе ве води низ целиот процес. Која и да е целта верувајте во вашиот сон и никогаш не откажувајте се! Бидете најдобрата верзија од себе.
„Нема ништо поубаво од образована, интелигентна, елегантна, амбициозна и уникатна жена која има грациозност и доблест да го покаже тоа во овој машки свет. За ова е потребна храброст, интелигенција и бестрашност. Жената е најубавото нешто во светот. Жените го носат на грб целиот свет! И затоа жената треба да се слави не само овој туку секој ден!“, изјави Попева за весникот ВЕЧЕР.