Владата на Србија на утринската вонредна седница донесе одлука за привремена забрана на извоз на нафта и нафтени деривати за погон на мотори, со цел да се заштити домашниот пазар од можен недостиг и раст на цените.
Одлуката се однесува на извозот на дизел, бензин и сурова нафта преку сите видови транспорт. Според владината одлука, мерката ќе важи до 19 март, по што ќе бидат разгледани дополнителни чекори во зависност од состојбите на пазарот.
Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави дека главната цел на оваа мерка е стабилизирање на домашниот пазар и спречување на евентуален недостиг на гориво.
„Суштината на оваа забрана е заштита на домашниот пазар од недостиг и раст на цените, како последица на глобалните нарушувања на светскиот пазар“, изјави министерката, пренесува РТС.
Таа потсети дека Србија е меѓу земјите во кои граѓаните плаќаат нафтени деривати по пониски цени во споредба со нивната реална берзанска вредност. Според неа, државата продолжува да презема мерки со цел да ги заштити граѓаните и економијата од потенцијални ценовни шокови.
Од Владата најавуваат дека внимателно ќе ја следат состојбата на енергетските пазари и дека, доколку биде потребно, ќе бидат воведени и дополнителни мерки за обезбедување стабилно снабдување со гориво во земјата.
Во Црна Гора од неделата вечерта се формираа големи колони на бензинските пумпи откако Здружението на нафтени компании на Црна Гора (UNKCG) предупреди дека постои сериозен ризик од прекин на снабдувањето со гориво во земјата. Од почетокот на кризата на Блискиот Исток, цената на нафтата, а особено на евродизелот кај добавувачите, е за 30% повисока од цените по кои горивото моментално се продава во Црна Гора.
Црногорското здружение на нафтени компании тврди дека проблемот е постојната државна регулатива, која ги пресметува максималните малопродажни цени во Црна Гора на секои две недели, и дека не ја следи динамиката на промените на меѓународниот пазар.












