Во организација на здружението за организација на спортски настани „Преспа хаб“ – Ресен, на 20 јуни годинава, во туристичката населба Претор во Преспа ќе се одржи спортско-рекреативниот и туристички настан „Преспа рaн и фан“.
Настанот е замислен како нов туристички производ што ги поврзува спортот, природата, културата, забавата и активниот туризам, со цел промоција на Преспанскиот Регион како атрактивна дестинација за учесниците и за посетителите од земјава и од странство.
Проектот е поддржан од УНДП, во рамките на проектот „ЕУ за Преспа“, и има цел да придонесе за развој на одржливиот туризам, поголема посетеност на регионот и за вклучување на локалната заедница.
Настанот „Преспа ран и фан“ е составен од два главни дела: спортски и забавно-рекреативен. Спортскиот дел вклучува трки на 5 километри и на 10 километри, кои ќе се одвиваат на живописна патека во Преспа, на потегот од Претор кон Крани, покрај Преспанското Езеро и природните предели на регионот.
Покрај трките, настанот ќе понуди и дополнителна програма која вклучува: музичка и забавна програма, зона каде што ќе има храна и место за релаксација, кампинг- зона, водни активности, активности во природа, промоција на локалните производи и на локалните бизниси.
Целта е учесниците и посетителите да не добијат само класично тркачко искуство туку и целодневен настан што ги комбинира активноста, дружењето, забавата и уживањето во природата.
На првото издание на „Преспа ран и фан“ се очекува присуство на 500 до 1.000 учесници и посетители во текот на денот, вклучувајќи тркачи, рекреативци, млади, семејства, љубители на природата, туристи и посетители од повеќе градови.
За настанот веќе постои и меѓународен интерес, со пријавени учесници од повеќе од 10 различни националности, што дополнително ја потврдува неговата вредност како туристички и спортски производ со потенцијал за регионална и за меѓународна препознатливост.
Главната цел на настанот е да се промовира Преспа како регион со голем потенцијал за спортски, активен и одржлив туризам.
Преку настанот, организаторите сакаат да придонесат за промоција на Преспанскиот Регион, поттикнување на спортот и на здравите животни навики, развој на активниот и одржлив туризам, зголемување на посетеноста на регионот, поддршка на локалната економија, локалните бизниси, како и позиционирање на Преспа како дестинација привлечна и за меѓународните посетители.
(С. Т.)











