Јужнокорејските обвинители бараат едногодишна затворска казна за сопственикот на ресторан со ѕвездичка, „Мишелин“ осомничен за користење мравки како декорација за десерт, објавија локалните медиуми, пишува „Би-би-си“.
Мравките се меѓу 10-те видови инсекти што е законски дозволено да се јадат во азиската земја.
На листата се наоѓаат и скакулци и штурци.
Ресторанот има две ѕвездички „Мишелин“, а обвинителите во понеделник побараа дополнителна казна од 20 милиони корејски вони (повеќе од 11.800 евра).
Сопственикот призна дека мравките биле користени, но само во „мал број“ јадења во менито, исклучиво како декорација на неколку видови сорбет, и тврди дека гостите имале можност да изберат верзија на јадењето без мравките одозгора.
Сорбетот е освежителен, замрзнат десерт направен од овошно пире или сок, вода и шеќер.
Случајот излезе на виделина откако службеници од Министерството за безбедност на храна и лекови пронајдоа прегледи и фотографии од јадења со мравки објавени на интернет од страна на гостите.
Истражувачите проценуваат дека околу 49.000 мравки, увезени од САД и Тајланд, биле користени во неколку јадења во текот на изминатите четири години.
Здравствените службеници, исто така, откриле дека ресторанот користел мравки кои „содржат до 55 пати повеќе тешки метали од типичните јадливи инсекти“, објави „Чосун дејли“.
Во Северна Кореја, постојат неколку критериуми за одредување кои инсекти се дозволени за јадење: ризици за безбедноста на храната, токсичност, хранлива вредност и дали можат да се одгледуваат и преработуваат на хигиенски начин.
Сопственикот на ресторанот рече дека само 60 проценти од гостите избрале да ги пробаат мравките во своите јадења, додека на останатите им биле послужени оброци со алтернативи како што се ферментиран оцет или јадливи цвеќиња.
Тој додаде дека рестораните во други земји, како што се Велика Британија, Австралија и Данска, исто така користат мравки како состојки во своите јадења.
Судските документи не го именуваа ресторанот или сопственикот.
Десет ресторани во Јужна Кореја имаат две ѕвезди на „Мишелин“, сите во главниот град Сеул.
Водичот на „Мишелин“ доделува максимум три ѕвездички врз основа на квалитетот на состојките, вкусот на храната, кулинарските техники, персоналот и конзистентноста на услугата.
Две ѕвездички се знак за „одлично готвење“ и укажуваат дека ресторанот „вреди да се потрудите“ да го посетите за да ја пробате храната што ја нуди.
Се очекува судот да ја донесе својата пресуда во случајот на 2 септември.
Мравките се јадат и се служат како деликатеси во неколку азиски, африкански и јужноамерикански земји.
Ткајачките мравки и нивните јајца се користат во тајландската и камбоџанската кујна, додека краличките мравки се ценети како кавијар во Колумбија.












