Сопствениците предупредуваат дека со отстранувањето на оградата се загрозуваат клучните инсталации на рибникот, што може да доведе до целосно прекинување на производството. Тие обвинуваат за институционален притисок и сомнителна постапка во корист на приватни интереси, додека бараат итно стопирање на активностите и заштита на долгогодишниот семеен бизнис

Во Демир Капија се одржа мирен протест на рибникот „Дошница“, кој постои од 1958 година, поради најавеното рушење на дел од оградата и изградба на приватен пристапен пат кон објект во негова близина. На протестот присуствуваа сопствениците, вработени, како и граѓани кои дадоа поддршка, додека на терен беа забележани полициски службеници и механизација за уривање. И покрај противењето, дел од оградата почна да се отстранува.

– Ова не е објект – ова е живот – порачаа сопствениците, истакнувајќи дека станува збор за семеен бизнис со децениска традиција, кој обезбедува егзистенција за повеќе од 30 семејства.

Според нив, рушењето на оградата не е изолиран случај, туку дел од поширок процес кој директно го загрозува функционирањето на рибникот. Тие предупредуваат дека под оградата се наоѓаат клучни водоводни и електрични инсталации, како и системи за рециркулација на вода, без кои производството на риба би било невозможно.

– Со изградбата на патот, базените ќе бидат ставени вон функција, што значи целосно уништување на дејноста – наведуваат од компанијата.

Од „Дошница“ тврдат дека, во изминатиот период, биле изложени на бројни инспекциски контроли од повеќе институции, вклучително и од Државниот инспекторат за земјоделство, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Финансиската полиција и Државниот градежен инспекторат. Тие оценуваат дека станува збор за континуиран притисок врз нивното работење.

Дополнително, посочуваат дека одлуката за рушење на оградата е донесена со образложение дека таа била поставена без одобрение, иако, според нив, постои уште од основањето на рибникот. Според нивните тврдења, целта е да се овозможи изградба на пристапен пат во интерес на приватно лице. Сопствениците, исто така, ја доведуваат во прашање законитоста на урбанистичката документација, тврдејќи дека планот врз основа на кој се предвидува изградбата на патот е донесен врз неважечки акт и без да се земат предвид постојните подземни инсталации.

– Прашањето е кому толку му се брза и зошто целиот државен апарат се става во функција на приватен интерес – велат од „Дошница“.

Од компанијата апелираат до институциите да го преиспитаат целиот процес и да спречат, како што велат, „ненадоместлива штета“ врз бизнис кој со децении придонесува за локалната економија.

Протестот заврши мирно, но сопствениците најавија дека ќе продолжат со правна и јавна борба за зачувување на рибникот.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ