Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, заклучно со денеска, во рамките на процесот на евакуација, во македонската Амбасада во Абу Даби биле евидентирани 505 македонски државјани, од кои 458 престојуваат во Обединетите Арапски Емирати. Дополнително, пријавени се 31 лице од Кувајт и 14 од Бахреин. Во Доха, заклучно со вчера, биле евидентирани 141 македонски државјанин.
– Се очекува лицата што изразија подготвеност за евакуација од Израел да полетаат кон Скопје во попладневните часови, со владиниот авион. Со тоа целосно ќе се заокружи процесот на враќање на сите граѓани што побараа извлекување од Израел. Се очекува во следните денови да започне реализацијата на враќањето на македонските државјани од Обединетите Арапски Емирати, како и на граѓаните кои се наоѓаат во Катар, Бахреин и во Кувајт и за кои е предвидено враќање со организирани летови преку Кралството Саудиска Арабија – соопштија вчера од македонското МНР.
Оттаму додаваат дека процесот на евакуација се реализира согласно со веќе разработен план, во согласност со безбедносните услови и во координација со надлежните институции.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија уште еднаш ги повикува сите македонски државјани што сè уште не стапиле во контакт со надлежните дипломатско-конзуларни претставништва, а имаат потреба од асистенција, да го сторат тоа во најкраток можен рок преку дежурните телефонски броеви во дипломатско-конзуларните претставништва или преку СОС-бројот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Министерството останува во постојана комуникација и им е целосно на располагање на граѓаните, со приоритетна цел – нивно безбедно и навремено враќање – стои во соопштението.












