Најавениот стратешки договор со Велика Британија, кој ќе значи обезбедување на поволни финансиски средства за изградба на брза пруга на Коридорот 10, и реализација на уште пет други проекти, ќе биде потпишан в четврток во Лондон. Потписот ќе го стави вицепремиерот и  министер за транспорт, Александар Николоски, кој откри дека првично би се повлекле од 2,1 до 2,2 милијарди евра од расположливите 6 милијарди евра, од кои за пругата би биле потребни приближно 1,9 до 2 милијарди евра, а околу 200 милиони евра ќе одат за изградба на клиничката болница и новиот медицински факултет во Штип, за студентскиот дом, за нова болница во Кичево и реконструкција на клиничката болница во Тетово

Најавениот стратешки договор со Обединетото Кралство, кој ќе значи обезбедување на поволни финансиски средства за изградба на брза пруга на Коридорот 10, и реализација на уште пет други проекти, ќе биде потпишан в четврток во Лондон. Потписот ќе го стави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, кој ќе биде придружуван од вицепремиерот Изет Меџити, министерката за образование, Весна Јаневска и директорот на „Македонски железници – Инфраструктура, Синиша Ивановски.

– Потпишувањето на договорот ќе биде в четврток, што претставува досега најголем договор што ќе го потпишеме со втората најголема сила во светот. Тие на располагање ни ставаат најмногу средства по поволни услови, што не можеме во моментов да ги добиеме од ниту една друга финансиска институција. Финансирањето нема да биде фиксно, а рочноста за враќање на кредитите за некои ќе биде подолга, за некои пократка, во зависност од кондицијата на буџетот. За каматната стапка во моментов не можам да кажам, но можно е да се движиме под стапката на инфлација – истакна Николоски. 

За денеска е најавена средба на македонската делегација со министерот за внатрешни работи на Обединетото Кралство, а Николоски најави и состанок со претставници на авиокомпанијата „Рајанер“ за нови летови кон Македонија.

Тој откри дека првично би се повлекле од 2,1 до 2,2 милијарди евра од расположливите 6 милијарди евра, од кои за пругата би биле потребни приближно 1,9 до 2 милијарди евра, а околу 200 милиони евра ќе одат за изградба на клиничката болница и новиот медицински факултет во Штип, за студентскиот дом, за нова болница во Кичево и реконструкција на клиничката болница во Тетово.

– Поучени од грешките од минатото, одлучивме да не водат поискусни. Затоа условите за враќање ќе бидат подобри од она што досега државата го враќала. Тоа значи дека парите ќе ги враќаме откако ќе завршуваат проектите, а тоа и ќе биде грејс периодот. Тоа е и логиката, да враќате по завршен проект, со што не им давате простор на изведувачите да го одолговлекуваат завршувањето – истакна Николоски.

Тој откри дека Обединетото Кралство ни дава неограничено време на располагање за повлекување на средствата, но со првичната рамка „влада со влада“ сепак е ограничена на 10 години.

Договорот што ќе биде потпишан утре ќе оди на ратификација во македонското Собрание, по што ќе може и да се почне со конкретна реализација.

Министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска, претходно откри дека брзата пруга и неколкуте болници ќе ги градат британски фирми со ангажирање на локални подизведувачи и дека тоа е овозможено со Законот за јавни набавки кој при договори „влада со влада“ предвидува дека мора да има повеќе од една понуда (од британски фирми во случајот), а за тоа како ќе се одредуваат локалните подизведувачи упатува на Министерството за транспорт. Таа истакна дека при изборот на фирми од Обединетото Кралство ќе се оди на повеќе понуди за да се избере најповолната.

– Не може да биде само една, треба да се неколку понуди, да се избере најповолната. И не е дека ќе бидат само британски компании и дека нема да бидат ангажирани македонски компании. Премногу е рано за да ги додефинираме сите овие работи, премиерот јасно кажа на прес-конференција дека ќе има и македонски компании. Точно е дека дел ќе бидат британски компании кои ќе ангажираат подизведувачи. Кажав дека мора да има повеќе понуди, не може да биде само една понуда и ќе се избере најповолната. Не е ова нешто непознато – истакна таа.

Димитриеска-Кочоска тврди дека договорите ќе бидат јавни и дека нема да има авансно плаќање.

– Парите ќе ги влечеме така како што ќе реализираме. Пет години ние ќе повлекуваме средства на кој начин – изградиле еден дел, фактурираат, користиме средства од банката, плаќаме. И тоа ќе трае пет години, барем така беше првично најавено. Затоа, велам, да не зборуваме однапред, да ги додефинираме работите. Ќе имаме грејс-период, тоа е периодот на изведба. Периодот на отплата кога ние ќе почнеме да ги враќаме средствата е кога пругата ќе почне да генерира приходи – додава министерката.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ