Коалицијата „Вреди“ денеска ја официјализираше пратеничката група составена од деветмина пратеници, но смета дека може да се зголеми таа и до 14-мина пратеници. Координаторот на оваа група, Беким Ќоку, најави дека очекуваат наскоро да им се придружи десеттиот пратеник, по оставката на пратеникот Салим Сулејмани, кој викендов се повлече од пратеничката функција. Но тој најави, очекувањата се дека и натаму ќе се зголемува бројот на пратеници.
-Очекуваме потоа да ни се придружи и единаесеттиот пратеник, а зошто да не и четиринаесеттиот. Практично, и со десетмина членови ние сме најголемата албанска пратеничка група во Собранието на Република Македонија. Пратениците што учествуваат во оваа група се: Африм Гаши, координаторот на пратеничката група – Беким Ќоку, Аднан Азири, Мерита Колчи-Коџаџику, Имрлије Салиу Фетаи, Саранда Имери-Стафаи, Беким Сали, Калтрина Беќири и Фериде Хаџиу – рече Ќоку додавајќи дека побарале да се одрази ваквата промена и во соодветните работни тела на Собранието.
Тој апелира до другите пратеници Албанци, особено до колегите што го добиле мандатот со коалицијата „Вреди“, да ѝ се приклучат на оваа група.
– „Вреди“ продолжува уште посилно и пообединето, убедена дека албанскиот граѓанин мрази поделби и дека сака единство. Локалните избори наесен ќе бидат доказ дека бевме и сме во право и дека она што го направивме навистина вредеше – рече Ќоку.
Претседателот на движењето Беса, Биљал Касами, по оставките на дел од владините функционери од Алијанса, истакна дека си одат само неколкумина и дека другите ќе продолжат да бидат дел од Владата и од новоформираната партија Вреди. На новинарско прашање како ќе се постапува откако се формираа три крила на Алијанса за Албанците, Касами рече дека таа партија е дел од коалицијата „Вреди“ и дека во иднина ќе биде дел од истоимената заедничка партија.
– Една е Алијанса за Албанците, таа што е дел од коалицијата „Вреди“, има процедури од правен аспект што се во судска постапка. Ние се надеваме дека брзо ќе заврши тоа, во интерес на вистинската, да кажам, Алијанса за Албанците. Но, за нас е важно каде се гласачите на АА, а гласачите на Алијанса за Албанците се како дел од „Вреди“, за тоа што беа важен чинител на победата на парламентарните избори. Од формален аспект, веќе е донесена одлука „Вреди“ да стане политичка партија и политички субјект. Така што, за нас, е многу помалку важно дали ги имаат печатите или не, за нас е важно гласачите на Алијанса за Албанците да бидат таму каде што беа на последните парламентарни избори – рече Касами.
Истовремено, Собранието денеска ги констатираше оставките на министерот за здравство – Арбен Таравари, како и на замениците во Министерството за земјоделство и во Министерството за одбрана – Фљакрон Беџети и Елфет Исмаили. Тие не побарале јавно да ги образложат оставките. Но, со ова сè уште не завршило престројувањето во редовите на крилото на Алијансата предводена од Таравари, бидејќи сè уште не се знае дали ќе следуваат нови оставки на државни функции од неговите приврзаници. Вицепремиерот Арбен Фетаи, во телевизиско интервју, изјави дека АА сѐ уште е дел од Владата, бидејќи, како што рече, од вкупно 50-мина државни функционери именувани на позиции од редовите на партијата, само тројца досега поднеле оставка.
– Учеството на Алијанса во Владата го сочинуваат околу 50 државни функционери, кои се именувани на одредени позиции – најмалку 50-мина, можеби и повеќе. Но, има најмалку 50-мина и од нив, според она што го знам, само тројца досега поднеле оставка. Тие тројца јавно излегоа, за другите не ми е познато дека се повлекол некој од Владата. Знам дека сите други продолжуваат да одат на своите работни места – рече Фетаи.
Но, денеска од функцијата се повлече и националниот координатор за спроведување нови технологии, Блерант Рамадани.
– Денес донесов одлука да се повлечам од функцијата. Оставката не претставува крај, туку чекор на размислување и подготовка за нови предизвици. Останувам посветен да придонесувам таму каде што мојот ангажман може да донесе вредност – напиша тој во оставката.
Таравари со остри критики до власта
Инаку, лидерот на крилото, Арбен Таравари, веќе почна да дејствува опозициски и почна да упатува критики до власта. Тој остро реагираше „на обидот за рушење на училишната зграда што ја изградија жители Албанци во селото Нерово, во Општина Крушево“, нагласувајќи дека во ерата на „политички сапуници“, токму народот е заборавен.
– Како партија сме трогнати и сме на страната на жителите на селото Нерово и нивната кауза. Во недостиг на училиште, тие самите си изградија објект – благороден и редок чин. Ги замолуваме надлежните органи да не го уриваат ова училиште. Го изградија родителите за своите деца. Што е поправедно: казино со дозвола или училиште без дозвола? – потенцира Тараври.
Од коалицијата „Вреди“, пак, денеска се пофалија и со средбата што ја имале вицепремиерот Арбен Фетаи и ексминистерот за информатичка технологија и администрација, Азир Алиу, со заменик-амбасадорката во Амбасадата на САД.
На утринско кафе во американската Амбасада
– Утринското кафе го испивме во најважната гостинска куќа за Албанците во нашата земја – Амбасадата на САД, каде што нè пречека заменик-шефот на Мисијата, Никол Варнес. Со нашата пријателка разговаравме за нашето континуирано партнерство во борбата против корупцијата, унапредувањето на владеењето на правото и поддршката на нашиот пат кон Европската Унија – објави Фетаи на социјалните мрежи.
Од ДУИ, пак, денеска ги негираа тврдењата на Изет Меџити дека три-четворица пратеници ќе го напуштат „Европскиот фронт“ и ќе ѝ се приклучат на коалицијата „Вреди“.
– По напуштањето на ДУИ, Меџити станал портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Тој постојано изјавува дека ќе преминат тројца пратеници, двајца пратеници и лицитира со бројки. Сигурно тргнува од принципот на себе, пресметува дека мора да му служи некому и мисли дека и другите пратеници ќе се покорат и ќе ја играат неговата игра како што претпочита тој да ја нарече – оцени координаторот на пратеничката група на „Европскиот фронт“ и член на ДУИ, Блерим Беџети.
Кој ќе седне на испразнетите фотелји?
По оставките, сè уште не се откриваат имињата на потенцијалните функционери. Останува енигма и дали ресорите ќе останат во „Вреди“ или ќе има замени. Денеска, Касами рече дека се во тек консултации со премиерот.
– Овие денови ќе се знаат имињата на министрите, на замениците министри. За нас, тоа е важен процес, затоа што Министерството за здравство е многу важно министерство за да имаме резултати што сме им ги нуделе на граѓаните на последните парламентарни избори. Само индивидуите што соработуваат на некој начин или форма со ДУИ не се добредојдени, но ние цениме дека Алијанса и сите што сакаат да останат во Алијанса и, последователно на тоа, и во „Вреди“, се добредојдени. Така што веќе почна тоа како процедура – рече Касами. (Б. Ѓ.)