ВМРО ДПМНЕ уште повеќе ја запечати својата власт, СДСМ е пред предизвикот на внатрепартиски промени, ДУИ мора да го напушти стариот концепт на етноцентризам, Вреди стана победничка партија кај албанското гласачко тело, а Левица се прогласи за прва опозициска партија во државата, се накусо заклучоците на политичката јавност по вториот круг од општинските избори.
Со самиот факт што партиите на овие општински избори освоија помалку гласови отколку на ланските парламентарни, остава простор за реорганизирање, пред се на опозицијата.
По категоричното „нема да поднесам оставка“, на партискиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, високи партиски функционери коментираат дека покрај кадровските промени во раководството, мора да се развие и внатрепартиска дискусија од која ќе се акумулираат мислењата на членството. Барајќи го светлото во тунелот, претседателот на СДСМ, на пресконференцијата по вториот круг од изборите, рече дека се прва партија во опозиција по број на освоени советнички гласови, што е поттик да продолжат силно да се борат против власта која, според Филипче, никогаш повеќе нема да има таква подршка како на последните парламентарни избори.
-Овие избори се јасен патоказ за СДСМ и секако јасен патоказ за мене како претседател на партијата какви промени треба да се направат политички и кадровски. Веќе следните денови тоа ќе се случува, ќе има седници на Извршниот и на Централниот одбор на кој што ќе ги обзнанам тие промени и секако планираме и организирање на Конгрес на кој што ќе се дискутираат политиките за следниот период, изјави лидерот на СДСМ. „ Делумно освеженото раководство ќе биде реконструирано во следниот период“ е потегот што го најави Филипче.
Во меѓувреме продолжува трендот на оставки во партијата. По таа на Ана Чупевска од позиција на потпретседател на СДСМ, вчера поради лошите изборни резултати оставка си поднесе и претседателот на општинската организација на Ѓорче Петров и кандидат за градоначалник, Костадин Ацевски.
– „Иако се вложив целосно, без калкулации, сепак резултат е лош. Поднесувам неотповиклива оставка од функцијата претседател на општинската организација. Верувам дека е исправно и потребно e оставка да поднесат и претседателот Филипче и целото раководство на СДСМ. Не само заради лошите резултати, туку и заради начинот на дејствување на СДСМ во изминатиот период“, рече Ацевски во видео-обраќањето што го објави на социјалните мрежи.
„Прашањето е многу поголемо отколку кадровска промена, суштинското прашање е : Што потоа? Потребни се многу подлабински промени отколку најавените кадровски, отовање на форум на дискусии и акумулирање на мислењета на членовите на СДСМ кои се најискрени и кои би го споделиле со раководството, порача пратеничката Славјанка Петровска која е дел од партиските органи на СДСМ.
„ Порака е јасна особено за опозицијата бидејќи никогаш не сме освоиле толку мал број на гласови“, заклучи таа во едно од отворените ТВ студија на изборниот ден.
Филипче ја сопре партиската пракса после секој катастрофален пораз да следи лидерска оставка. Дел од аналитичарите сметаат дека прашање е, што е поголем зијан или ќар за партијата, дали да се случат промени во највисокото раководство, односно дали тоа ќе ја заслабне или пак ќе ја осили партијата?
-Тоа што го гледам кај СДСМ ама и кај ДУИ е дека се соочуваат со повеќе структурни предизвици , не само во смисла на политичкиот производ кој се гледа дека гласачите не го бираат во толку голем број како претходно, туку и во структурата на работата на нивната машина. Кај ДУИ со таа исклучивост на етничка гетоизација на гласовите и врзувањето победник со победник , тие партии се останати некако назад во времето и потребни се повеќе структурни промени не е само една –дали ќе го смените лидерот на партијата , дали ќе го смените раководството , односно не е само дали ќе го смените возачот туку дали ќе ја поправите колата. Тоа се повеќе структурни проблеми кои се напластени и во едната и во другата партија, нешто во смисла на диксонект на политичкиот производ и политичкиот пазар, рече аналитичарот Петар Арсовски во ТВ дебата за време на изборите.
Во ДУИ се подготвени да се соочат со резултатите иако сметаат дека ја освоиле националната поддршка кај албанците во земјава. Пораката од народот ќе ја прифатат со почит и одговорност, рече Али Ахмети и потврди дека останува на лидерската позиција.
-Треба да ги зајакнеме структурите и уште повеќе да му се доближиме на народот. Имаме морален и политички мандат кој не обврзувава да продолжиме пообединето, подисциплинирано и поблиску до граѓаните . Ќе се направи длабока анализа ќе ги зајакнеме нашите редови и ќе продолжиме уште посилни со истата убеденост дека ова е патот кон еднаквост и европска современа држава, стоеше во писмената изјава на македонски јазик по обраќањето на Ахмти на албански.
Што со коалицијата Националната алијанса за интеграција (НАИ) , дали ќе го задржи форматот имајќи го предвид барањето на Ахмети за предвремени парламентарни избори, останува да видиме. Како и да е на овие локални избори, победници излегоа ВРЕДИ.
– ВРЕДИ е втора политичка сила во државата , денес се заокружи промената кај Албанците. Народот препознава кој работи, народот ги казни деструктивните политики на ДУИ, време е Ахмети да поднесе оставка и оваа партија да се реформира доколку сака да остане како партија, порача Башким Бакиу кандидат за градоначалник од ВРЕДИ.
Историски ниската излезност, дел од политичките аналитичари ја ставија во корелација со легитимитетот на изборите. Сите партии ја сфатија пораката што им ја испратија гласачите.
„Ниската излезност е тоа дека граѓаните негодуваат, дополнително сметам дека има граѓани кои однапред сметаа дека победникот ќе биде познат, но како и да е, таа ќе биде предмет на анализа, за мене ниската излезност на кумановчани значи незаиснтересеираност во изборниот процес што значи дека нешто не штима и јас ќе гледам во следниот 4 годишен период тој инструмент со кој што ќе раководам да го наштимам согласно желбата на граѓаните на Куманово, си вети лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски
Пораката е разбрана, нема да се опуштиме ниту еден ден , рече на пресконференцијата по победата лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
-Овие избори се порака до нас, да не се забегува во победата, треба да се носиме со одговорноста дадена од граѓаните и да ја оправдаме, да се менуваме и подобруваме. Знам дека имаше што не излегоа на гласање или нивниот глас не го дадоа за нашата партија сакам да им порачам и вашиот глас, и вашата тишина – ги слушнавме. Затоа што оваа победа не е само победа на оние што гласаа за нас, туку и обврска кон сите вас што сè уште чекате да видите голема промена. Нема да ве убедуваме со зборови – ќе ве убедиме со дела“, вети Мицкоски.
Во турбулентниот политички период што следува, нов ветер во парламентот најавува лидерот на Левица Димитар Апасиев. Испрати порака до гласачите на СДСМ, да се приклучат кон Левица за и да извојуваат победа на наредните парламентарни избори.
– Престројте се позади нашиот бајрак за да ги победиме ВМРО-ДПМНЕ на наредните парламентарни избори – порача Апасиев. (П.А.)












