Со новиот сребрен медал и со новите 7.20 поени за олимписката ранг-листа за квалификации за Лос Анџелес 2028 година, нашата таеквондистка Милјана Релиќ е сè поблизу до тоа да се избори за место на претстојните Олимписки игри.
Нашата олимпијка и најдобра спортистка за 2024 година го освои среброто на силниот Г-1 турнир во таеквондо што се одржа во Криштианштад, Шведска.
Во првото коло, Милјана беше поуспешна со 2:0 во рунди од домашната натпреварувачка Нора Хогфелт, во второто коло ја победи шведската репрезентативка Тиндра Андерсон со 2:0 во рунди, додека во полуфиналето беше подобра од Чиа Веи Ванг од Тајпеј со 2:1 во рунди. Во финалето, Мила беше поразена од хрватската натпреварувачка Дора Мештровиќ, но, според тренерот Александар Ефтимов, можела да ја добие и оваа борба доколку немало судиски грешки, кои ѝ ја одзеле победата. Мила веќе ја имаше поразено Дора Мештровиќ пред година и пол, на Европското првенство до 21 година, во 2023 година, во Романија.
Од ТКД Тигри настапи и Горјан Бадаровски, кој освои бронзен медал во категоријата сениори (+87кг). Со победата од 2:0 во рунди над Расму Бремдинг од Шведска, Горјан обезбеди бронзен медал, иако беше поразен во полуфиналето од друг Швеѓанец – Густав Карлсон. Ова е одличен резултат и за Горјан, кој, по година и пол учество на Г-турнирите, за два месеца освои два бронзени медала. Првиот на „Скопје Рамус Г-1 опен“ во март годинава, а другиот сега.
Од Македонија, свое деби во сениорска конкуренција имаа и младите Христијан Симоновски и Давид Божиновски од тимот на ТКД Младост, кои прикажаа одлични борби.