| Младата девојка која не сака само да ја совлада математиката, туку преку знаењето и технологијата да им помогне и на другите да ја засакаат, порачува дека секој ученик може да „блесне“ |
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Наместо да чека промени, таа одлучи да биде промената. Нела Николова, студентка со потекло од гевгелиското место Негорци, уште на 17 години ја согледала потребата од различен пристап во наставата по математика. Денес, нејзиното долгогодишно искуство со учениците и знаењето стекнато на ФИНКИ се преточени во „Блесни“ – едукативна веб-платформа која докажува дека технологијата и образованието можат совршено да соработуваат.
Нела, јавноста те запозна како младата иноваторка која стои зад „Блесни“. Од каде љубовта кон математиката, која за многу деца е „баук“?
Љубовта кон математиката се роди уште во основно образование. Отсекогаш сакав да решавам логички проблеми и задачи и најмногу уживав во самото вежбање и пронаоѓање на решението. Иако на училиште ми одеа и другите предмети, математиката секогаш се издвојуваше. Со текот на годините, а особено на факултетот, сфатив дека повеќе ми одговара практичниот начин на учење. Не сум човек што сака само да седне и да учи теорија напамет. Повеќе сакам да си пуштам музика и да решавам задачи, проблеми и да размислувам како да стигнам до решението. Информатиката, пак, ја избрав поради технологијата. Живееме во време во кое технологијата постојано се менува и напредува, и токму тоа ми беше интересно – можноста математичкото и логичкото размислување да ги искористам за создавање нешто ново и практично. Затоа и ми беше природен избор да ги спојам математиката и информатиката.

Но, како започна сè? Како искуството од држење приватни часови по математика уште на 17 години се претвори во идеја за дигитална платформа?
„На почетокот воопшто не замислував дека ова ќе стане нешто што ќе го работам со години. Почнав сосема спонтано, со објаснување на некои задачи на моите врсници, а потоа и на помали деца. Токму тоа искуство ми овозможи да го видам образованието од друг агол – не само како студентка и иден ИТ-професионалец, туку и како наставник кој секојдневно гледа со какви тешкотии се соочуваат учениците. Како студентка на ФИНКИ, своето знаење од информатиката почнав да го користам за создавање дигитални решенија и содржини. Работев како заменик-наставник по математика во средното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, и како заменик-наставник по физика во основното училиште „Ристо Шуклев“ во Негорци. Меѓу проектите на кои работев е и создавањето едукативна видеосодржина од областа на сајбер безбедноста за „Сајбер скилс билдер ел-ел-си“, интернационална компанија со седиште во САД. Додека креирав едукативни видеа за сајбер безбедност, сфатив колку децата денес се навикнати на динамична и визуелна содржина. Почнав да размислувам зошто и учењето математика да не биде такво – поинтересно, пофлексибилно и поприспособено на ученикот. Сфатив дека оваа моја идеја може да стане реален производ кој може да им помогне на учениците и на родителите. „Блесни“ ја развивам веќе неколку месеци.Тоа е повеќе од ВИ, не е замислена како обичен ВИ-чет кој му го дава решението на ученикот, ниту како само уште една дигитална збирка задачи. Платформата е конципирана според македонската наставна програма, а ученикот постепено ги следи темите и лекциите што ги изучува во училиштето. За секоја лекција има објаснување и видеоматеријал, по што следуваат задачи и интерактивни квизови. На ниво на цела тема, ученикот добива дополнителни задачи и прашања, а преку белешките може брзо да ги повтори најважните работи што треба да ги запомни. Претходно решените квизови остануваат достапни за повторно вежбање.
По што оваа твоја платформа е уникатна и се разликува од сите други слични платформи?
„Блесни“ се разликува уште од самата идеја и од тоа кој ја создава платформата. Јас сум студент и кога ја создавав платформата, не размислував само како наставник или програмер, туку и како ученик. Знам како изгледа кога треба самостојно да учиш, што ти е досадно, каде заглавуваш и каква помош ти е навистина потребна. Мислам дека токму тој поглед од перспектива на ученик е една од најголемите предности на оваа платформа. Од моите истражувања, не најдов платформа што на овој начин ги обединува сите овие елементи наменети конкретно за учениците и за македонската наставна програма. „Блесни“ нуди лекции, видеообјаснувања и интерактивни квизови, но она што особено ја издвојува е ВИ-математичкиот асистент. Не сакав тој да функционира како обичен Чет-ГПТ каде што ученикот ќе праша нешто и веднаш ќе го добие одговорот. Асистентот е дизајниран да поставува прашања, да го насочува ученикот и да му помогне самиот да дојде до решението, односно да го поттикнува да размислува наместо само да му го даде одговорот. Дополнително, имаме и менторска поддршка во текот на учењето, што е уште еден важен дел. Сакав ученикот да не се чувствува дека е оставен сам пред платформата, туку да има поддршка кога ќе му биде потребна. Значи, идејата не е само да им дадеме на учениците дигитални материјали, туку да им создадеме целосна средина за самостојно учење, со технологија, ВИ и човечка поддршка.
Колку нивоа на поддршка има оваа платформа и, што е уште поважно, дали родителот може да ги контролира работата и напредокот на своето дете?
Има три нивоа на поддршка. Првото ниво е наменето првенствено за ученици од прво до петто одделение и се фокусира на квизови и проверка на знаењето. Второто ниво нуди целосно дигитално учење – лекции, видеолекции, белешки, задачи, квизови, повторување и ВИ-математички асистент за ученици од VI до IX одделение. Третото ниво го додава човечкиот фактор – дополнителна наставничка поддршка преку индивидуални или групни онлајн часови, во зависност од потребите на учениците. Тоа може да биде редовна поддршка, дополнителни консултации или заеднички подготовки пред контролни и тестови.
Една од најинтересните функционалности на „Блесни“ е ВИ-математичкиот асистент на македонски јазик. Не сакав ВИ-асистентот едноставно да ја реши задачата наместо ученикот. Сакав да го поттикнам сам да размислува. Затоа асистентот го потсетува на правилото, му поставува прашања, му дава насока и го води чекор по чекор кон решението. На тој начин, вештачката интелигенција станува дигитална поддршка во процесот на учење, а не замена за учењето. Ученикот може да побара помош во моментот кога ќе заглави, без да мора да го чека следниот час или следниот ден за да праша наставник.
Исто така, родителот веќе не мора да се прашува што научило неговото дете во текот на еден ден. Платформата е создадена и со посебен родителски преглед, преку кој родителите можат да го следат напредокот на своето дете. Тие можат да видат кога детето последен пат било активно, какви резултати постигнува на квизовите, кои теми ги има завршено и дали има континуитет во учењето.
Така, ученикот не учи само за да го реши следниот тест, туку постепено гради знаење. И токму тука се разликува пристапот на „Блесни“ – ВИ не е центарот на платформата. Ученикот е.
Кои се следните чекори за „Блесни“? Дали математиката е само почеток и дали планираш проширување со други предмети или надвор од македонскиот пазар?
„Блесни“ дефинитивно не ја гледам како проект што завршува тука. За мене, ова е само почеток. Сакам платформата постојано да се развива, да се подобрува и постепено да опфаќа уште повеќе содржини и можности за учениците. Во иднина, сакам да се надополни и со странски јазици, македонски јазик и други предмети што им се потребни на учениците. Исто така, би ме радувало „Блесни“ да не остане само моја приказна, туку со текот на времето да се вклучат и други луѓе, професори и професионалци од различни области. Сметам дека токму со спојување на различни знаења и искуства може да се создаде нешто уште поквалитетно и покорисно за учениците. „Блесни“ ми покажа дека една идеја, кога ќе вложиш време, знаење и труд, може да се претвори во нешто реално што ќе има вредност и ќе им помогне на луѓето. Но, истовремено, не би рекла дека во моментов имам само една точно одредена насока во која сакам да се движам. Покрај програмирањето и развивањето на „Блесни“, работам и на креирање видеа, репортажи, едукативна содржина, меѓу другото и од областа на сајбер безбедноста, како и на маркетинг и рекламирање. Искрено, уживам во тоа што можам да работам на различни работи, бидејќи секоја од нив ми дава можност да научам нешто ново и да развијам нови вештини. Јас сум човек што сака да ги искористи можностите што се појавуваат. Не сакам уште сега да се ограничам и да кажам дека цел живот ќе работам само една работа. Сакам да пробувам нови работи, да учам и да напредувам и во други области. А мислам дека денес различните вештини можат многу убаво да се надополнуваат — на пример, програмирањето ми помага да создавам платформи, а знаењето од видеопродукција и маркетинг ми помага тие идеи подобро да ги претставам пред луѓето. Секако, технологијата и создавањето дигитални решенија остануваат нешто што многу ме привлекува. Така што, дали во иднина ќе продолжам со развивање на „Блесни“, ќе создавам нови платформи и дигитални производи, ќе работам на видеопродукција, едукативна содржина, маркетинг или ќе се појави некоја сосема нова можност — не би сакала уште сега да се ограничувам. Но, едно е сигурно: сакам да продолжам да учам, да создавам, да соработувам со други луѓе и професионалци и да ги искористувам можностите што ќе ми овозможат да напредувам – и професионално и лично.

Која е главната порака што сакаш да им ја пренесеш на учениците преку оваа платформа и како може учениците да ја следат?
„Блесни“ ја носи пораката дека секој ученик има потенцијал во нешто да „блесне“ – само треба да му дадеме можност да го покаже тоа. Името е добиено од идејата дека секој ученик е добар во нешто. Некој е добар во спорт, некој во уметност, некој во музика, некој во нешто сосема друго. Верувам дека секој ученик може да блесне и во математика доколку добие вистинска поддршка и вложи малку труд. Но, не сакам „Блесни“ да биде платформа која само ќе се користи – туку и проект кој ќе се развива заедно со учениците, родителите и наставниците. Затоа ги повикувам сите заинтересирани да ги споделат своите идеи, предлози и искуства, а наставниците, професорите и другите луѓе со знаење и искуство кои сакаат да придонесат со нова образовна содржина да се обратат и да станат дел од идниот развој на платформата. Сите заинтересирани може да ја следат „Блесни“ онлајн преку www.blesni.mk., како и на социјалните мрежи: Фејсбук „Блесни“ и Инстаграм @blesni.mk.












