понеделник, јуни 15, 2026
Дома КУЛТУРА „Смилевски конгрес“ на 1 и 2 мај; Културна манифестација во Смилево

„Смилевски конгрес“ на 1 и 2 мај; Културна манифестација во Смилево

82

На 1 и 2 мај, во с. Смилево, Демир Хисар, ќе се одржи културната манифестација „Смилевски конгрес 2026“.  Оваа година фестивалот го поставува прашањето за заедницата како реален, творечки и јавен чин.

– Селото Смилево нема само историска заднина туку и јадро на значење. Културната меморија на Смилевскиот конгрес не се третира како музејски остаток, туку како отворена можност повторно да се промисли соборот – не како протокол, туку како одговорност; не како форма, туку како заедничко дејствување. Оттука, манифестацијата не го повторува минатото, туку го активира како прашање упатено до сегашноста: дали денес сè уште сме способни за заедница? – соопштуваат организаторите.

Програмата ја разбира уметноста како простор во кој не се поништуваат различни гласови, туку се артикулираат во заедничко поле на значење. Преку изложбите во настанување, трансбалканската уметничка инсталација, концертите и импровизираните музички средби, „Смилевски конгрес“ создава услови за жива средба меѓу уметниците, местото и публиката. Тоа е обид културата повторно да се врати таму каде што ѝ е местото: во заедничкиот простор, меѓу луѓето.

Во фокусот годинава се колективната инсталација „Песната на славејот“, музичката програма со „Чалгија саунд систем“, „Брас брадерс“, „Летечки пекинезери“, Мојра и Дејание, како и двете изложби во настанување – „Интуитивни клепања“ и „Последните селани“.

– „Смилевски конгрес“ не е само фестивал. Тој е став дека не смее да се сведе меморијата на декор, дека не ѝ припаѓа уметноста на логиката на производството, туку на поредокот на откривањето и дека заедницата, ако навистина постои, мора повторно да се создава. Низ современи уметнички практики и автентични музички гласови, манифестацијата е пробив не во поделби, туку во „заедничарење“ и соборност – додаваат организаторите.

Селото Смилево е едно од најпознатите историски села во Македонија, сместено во областа Горна Железна Река, на падините на Бигла Планина. Познато е како местото каде што се одржал Смилевскиот конгрес и како родно место на Даме Груев.

ИЗДВОЕНИ