Во Франција е започната добротворна лотарија во која учесниците, за цена од 100 евра за билет, можат да добијат слика од Пабло Пикасо, објавија организаторите.
Делото на шпанскиот сликар ќе биде наградено на извлекување што ќе се одржи во аукциската куќа „Кристи“ во Париз.
Ова е добротворен настан чии приходи одат за истражување на Алцхајмеровата болест, а организатор е Фондацијата за истражување на Алцхајмеровата болест, со седиште во еден од водечките париски болнички центри, објавува „Асошиејтет прес“.
Организаторите наведуваат дека бројот на билети е ограничен на 120.000, што би можело да донесе до 12 милиони евра.
Ова е трет ваков настан во кој дело на Пикасо се доделува преку томбола.
Претходните беа одржани во 2013 и 2020 година, а победниците беа од САД и Италија.
На првата томбола, „1 Пикасо за 100 евра“, во 2013 година, пожарникар од Пенсилванија ја освои сликата „Човек со оперска шапка“, која шпанскиот мајстор ја насликал во 1914 година за време на неговиот кубистички период. Вториот портрет на Пикасо, масло на платно, „Мртва природа“, го освои во 2020 година Клаудија Боргонио, сметководителка во Италија.
Нејзиниот син ѝ купил билет како божиќен подарок. „Мртвата природа“, насликана во 1921 година, ја купил за томбола милијардерот колекционер на уметнички дела Дејвид Намад.
Пикасо почина во 1973 година.
„Пикасо беше многу дарежлив. Даваше слики на својот возач, на својот кројач. Сакаше неговата уметност да ја собираат сите видови луѓе, а не само супербогатите“, рече Намад.
Според организаторите, претходните две томболи собрале повеќе од 10 милиони евра за хуманитарни и медицински проекти.
Гвашот на хартија „Tete de Femme“ (Глава на жена), кој ќе се понуди следната недела, е насликан од Пикасо во 1941 година.
Фондацијата за истражување на Алцхајмеровата болест, организатор на добротворната лотарија, се наоѓа во една од водечките јавни болници во Париз и е вклучена во медицински истражувања за Алцхајмеровата болест во Франција од нејзиното создавање во 2004 година.
Извлекувањето е во вторник во 18 часот, пренесе „Танјуг“.












