Европскиот транспорт се соочува со тивок колапс: скапото гориво, недостигот на возачи и нереалните цени го „јадат“ профитот. Македонските возачи алармираат дека индустријата работи на работ на издржливост, со сè помалку луѓе зад воланот. Тие сметаат дека трошоците експлодираат, а заработката на превозниците стагнира. Ако ништо не се промени, неизбежен е бран банкроти кај малите превозници
Европскиот транспортен сектор влегува во период на длабока преодна криза. Анализата на професионалните возачи од фејсбук-групата „Македонски возачи“ укажува дека индустријата функционира на работ на одржливоста, поради зголемените трошоци предизвикани од нестабилните цени на горивата, кои се под силно влијание на глобалните геополитички случувања. Според нив, во одредени периоди, цената на нафтата достигнува нивоа од околу 150 долари за барел, што директно ги зголемува оперативните трошоци на транспортните компании.
Втора причина, според нив, е што има недостиг на работна сила во Европа, која се проценува на 400 илјади до половина милион, тренд што, според возачите, ќе продолжи да се влошува.
– Младите не ја гледаат оваа професија како иднина, а искусните си заминуваат. На крајот, ќе нема кој да вози – велат тие.
Овој недостиг веќе влијае врз цената на транспортот, но не доволно за да ги покрие зголемените трошоци. Анализата покажува дека во моментов, транспортот во Европа не носи профит, туку само обврски.
– Има работа, но нема заработка. Трошоците растат побрзо од цените – коментираат тие.
Возачите се согласуваат дека сегашните транспортни цени не се реални. Како што велат, тие се резултат на комбинацијата од еколошки регулативи и јаглеродни такси до нестабилни енергетски пазари и структурен недостиг на работна сила.
Поради овие причини, нивните очекувања на краток рок се песимистички. Сметаат дека ако продолжи нестабилноста на цените, ќе се зголемува притисокот кон малите транспортни компании и можно е мноштво од нив да банкротираат. На среднорочен рок, пак, предлагаат да се премине на поефикасни решенија, како што се оптимизација на маршрутите, дигитализација и купување електрични камиони.
Како одговор на кризата, превозниците веќе размислуваат за воведување на таканаречени fuel surcharge (дизел-клаузули) механизми, поефикасно планирање на маршрутите, односно да се вози само на профитабилните, како и поголеми инвестиции во задржување на возачите преку исплата на повисоки плати и бонуси.
(С. Бл.)












