Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) ги објави списоците на повеќе од 500 добитници на ваучери за набавка и монтажа на инвертер клима-уреди за 2026 година, во рамките на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија. Поддршката е наменета за домаќинства во кои има лица корисници на надоместок поради попреченост, согласно со член 44 од Законот за социјалната заштита, како и за домаќинства со деца со попреченост, корисници на посебен додаток до 26 години.
Списокот на добитници е објавен на веб-страницата на Министерството. Оние што се на листата треба да ја проверат е-поштата внесена во корисничкиот профил, каде што ќе ги добијат решението за стекнато право, записникот/прашалникот и баркод или QR-код за ваучерот. Од МЕРМС потсетуваат дека документите треба да се испечатат, а со нив и со баркодот/QR-кодот добитниците треба да посетат правно лице со кое Министерството има склучено договор за реализација на мерката. Правното лице ќе ја реализира набавката и монтажата на инвертер клима-уредот, по што добитникот треба да го пополни доставениот записник/прашалник.
Крајниот рок за искористување на ваучерите е 15 октомври 2026 година, по што тие нема да можат да се користат. За недоставени или погрешно доставени документи и дополнителни информации, добитниците можат да се обратат на [email protected] или на 071 320 384. Од Министерството апелираат ваучерите да се искористат навреме и постапката да не се остава за последен момент.












