Во петокот, Трамп објави план за увоз на руски дизел, за што наводно има согласност од Русија, но за тоа привремено ќе се суспендираат американските санкции за увоз на енергенти. Зеленски рече дека тоа е подарок за Путин, руските медиуми оценуваат дека поради договорот, САД ќе го зголемат притисокот врз Украина, а балтичките земји се скептични за ефектот што би го имал увозот на руски дизел, а не веруваат и дека воопшто постои енергетско примирје
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Русија и Украина постигнале договор за енергетско примирје, односно прекин на меѓусебните напади врз енергетската инфраструктура.
– Во овој момент, енергетското примирје во војната меѓу Русија и Украина е на сила. Двете страни се согласија. Не го кршете, рече Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“.
Сепак, од Русија сè уште официјално не потврдиле дека се согласила на таков договор, а Украина е изненадена. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, рече дека дознал за објавата на Трамп за енергетското примирје од медиумите, а не преку официјални канали и дека веста го изненадила. Тој додаде дека го поддржува енергетското примирје, но очекува детали од американската страна, бидејќи Киев е подготвен да ги запре нападите врз руските енергетски објекти под услов Русија да го стори истото, зашто и покрај најавата на Трамп, руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина продолжија. Зеленски, исто така, ги изнесе своите претпоставки за тоа како е постигнат договорот. Тој верува дека тимот на Трамп веројатно комуницирал директно со руската страна.
Во последно време се добива чувство за поголемо приближување на САД и Русија. Во петокот, Трамп објави план за увоз на руски дизел, за што наводно има согласност од Русија, но за тоа привремено ќе се суспендираат американските санкции за увоз на енергенти. Откако републиканскиот сенатор, Том Тилис, оцени дека одлуката на претседателот на САД за ублажување на санкциите кон Русија би можела да биде незаконска, министерот за финансии, Скот Бесент, рече дека американската администрација ќе го спроведе договорот за снабдување на светскиот пазар со руски дизел користејќи ги постојните законски овластувања.
Зеленски го осуди овој потег на Трамп „подарок“ за Владимир Путин. Но, руските медиуми пишуваат за договорот со оптимизам и проценуваат дека неговите импликации одат подалеку од обичната трговија. Провладината „Росијскаја газета“ оценува дека договорот и изјавите на Трамп „можат да бидат важен сигнал“. Весникот наведува дека администрацијата на Трамп сега може да ги смета украинските напади врз руската нафтена инфраструктура како напади врз самиот договор. Со други зборови, во Москва веруваат дека пронашле начин да ги спречат украинските напади врз нивните нафтени постројки и во исто време да го зголемат американскиот притисок врз Киев. Таблоидот „Московски комсомолец“, пак, се надева дека договорот за дизел ќе доведе до намалување на поддршката на САД за Украина. Весникот пишува дека планот за испорака на три милиони тони дизел месечно „е остварлив само кога ќе престанат нападите врз руските рафинерии“.
Балтичките држави изразија скептицизам во врска со договорот за дизел на Трамп и Путин, како и таканареченото „енергетско примирје“.
– Овој договор не е корисен, не ја решава нафтената криза и не придонесува за единството на трансатлантската заедница во однос на Русија. Ова не е европски начин. Нашиот пристап е да го зголемиме притисокот бидејќи веќе гледаме дека дава резултати, рече литванскиот министер за надворешни работи, Кестутис Будрис.
Неговиот естонски колега Маргус Цахна оцени дека договорот нема да влијае на пазарот во смисла на промени на цените на нафтата или дизелот, поврзувајќи го потегот со домашната политика на САД и претстојните избори за Конгресот. Цахна, исто така, изрази сомнежи во врска со самопрогласеното енергетско примирје на Трамп.
– Енергетското примирје не функционира, како што предупреди претседателот Зеленски. Русија, всушност, ги засилува нападите врз Украина. Затоа ние во Европа треба да се фокусираме на она што можеме сами да го направиме, рече тој.
Како што пишуваат деновиве „Телеграф“ и „Ројтерс“, Трамп планира многу посериозни зделки на енергетски план со рускиот претседател Владимир Путин од онаа за дизелот. Наводно, тој сака да постигнат договор за рестартирање на гасоводот „Северен тек“, кој ги поврзува Русија и Германија преку Балтичкото Море, а тие преговори вклучуваат можност за американски инвестиции во гасоводот, што би им овозможило на компаниите од САД да профитираат од испораката на руски гас до Европа по завршувањето на војната во Украина. Зетот и специјален пратеник на Трамп, Џаред Кушнер, наводно, во последните недели разговарал со руски претставници за потенцијален договор што би овозможил обновување на енергетските врски меѓу Москва и европските земји. Според извори на „Ројтерс“, Кушнер се сретнал во Њујорк и Москва со Кирил Дмитриев, близок соработник на Владимир Путин и еден од клучните луѓе задолжени за меѓународните економски односи на Русија. Кушнер верува дека обновувањето на трговските односи со Москва би можело да биде важен чекор кон воспоставување мир меѓу Русија и Украина. Но, од Белата куќа доаѓаат попретпазливи пораки.












