Туристите што престојуваат во Барселона од април ќе плаќаат двојно повисок туристички данок, кој во некои случаи ќе достигне и до 15 евра по ноќ.

За гостите во хотели данокот ќе се движи меѓу 10 и 15 евра, во зависност од категоријата на сместување, додека оние што изнајмуваат станови или викендички ќе плаќаат до 12,5 евра по ноќ – двојно повеќе од досегашните 6,25 евра.

Патниците на крстосувачи што го посетуваат градот ќе продолжат да плаќаат шест евра по лице, пренесува „Скај Њуз“.

Властите во Каталонија со овој потег сакаат да го намалат бројот на туристи и да помогнат во решавање на кризата со домувањето. Според новиот закон, една четвртина од приходите од данокот ќе бидат наменети за домување во градот.

Градските власти најавија и план за целосно укинување на краткорочните изнајмувања до 2028 година, како дел од стратегијата за контрола на туризмот и подобрување на условите за живот на локалното население.

ИЗДВОЕНИ