понеделник, јуни 8, 2026
Дома СВЕТ Шестмина повредени во напад со нож во „Медисон Сквер Гарден“ пред финалето...

Шестмина повредени во напад со нож во „Медисон Сквер Гарден“ пред финалето на НБА и посетата на Трамп

1

Шест лица беа повредени во напад со нож на станицата Пен во Њујорк во неделата вечерта, што предизвика загриженост за безбедноста еден ден пред градот да биде домаќин на финалето на НБА, на кое ќе присуствува и американскиот претседател Доналд Трамп.

Нападот се случил во услови на засилени безбедносни мерки околу Медисон Сквер Гарден, кој се наоѓа веднаш над една од најпрометните меѓуградски железнички станици во земјата, објави Си-Ен-Ен.

Во таа сала, Њујорк Никс ги пречекуваат Сан Антонио Спарс во третиот и четвртиот натпревар од финалната серија, кои се играат во понеделник и среда.

Градската противпожарна служба потврди дека вчера вечерта околу 19 часот добила дојава, дека непознато лице нападнало повеќе лица на главната меѓуградска железничка станица во центарот на градот.

„Едно лице се здобило со тешки повреди, додека останатите се со лесни до умерени повреди. Петмина повредени се пренесени во болницата ‘Белвју’, а шестиот со полесна повреда во болницата ‘Корнел’“, соопшти противпожарната служба.

Портпарол на железничката компанија „Амтрак“ изјави дека сите повредени се во стабилна состојба, додавајќи дека на местото на настанот е пронајден нож и дека обезбедувањето го привело напаѓачот, за кој се верува дека има психички проблеми. Тој додаде дека нема индикации дека нападот е поврзан со тероризам.

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека е информиран за нападот и го пофали обезбедувањето на „Амтрак“ за брзата интервенција.

„Моето срце е со сите повредени, нивните семејства и сите што се погодени од ова неприфатливо насилство. Им посакувам брзо закрепнување на сите жртви“, напиша Мамдани на социјалната мрежа „Икс“.

ИЗДВОЕНИ