Избираме потежок пат кон Европската Унија бидејќи достоинството нема цена. Ваква порака денеска испрати македонскиот премиер Христијан Мицкоски зборувајќи за иднината на Македонија, чија евроинтеграција е блокирана со барањата за промена на Уставот со цел на внесување на Бугарите во него, а содржани во преговарачката рамка договорена во 2022 година. Со ова, премиерот Мицкоски практично повторно одговори на сè позачестените притисоци од ЕУ, Бугарија и македонската опозиција за спроведување на уставните промени.
– Како Влада сметаме дека покус пат до ЕУ нема. Поточно, постои, но тој е исполнет со предизвици кои често се понижувачки. Затоа го избираме потешкиот пат, преку кој членството ќе го заслужиме со квалитет и испорака – рече Мицкоски на вчерашниот Самит во Скопје организиран од „Македонија 2025“.
Тој истакна дека пристапот на оваа Влада кон евроинтеграциите се разликува од претходните.
– Владата што јас ја предводам има различен пристап споредено со претходната влада. Ние цениме дека пократок пат нема. Односно, има, но тој пократок пат има свои предизвици. Најчесто, тие предизвици се понижувачки. И затоа велиме: ако треба да одиме по потешкиот пат, ќе одиме по потешкиот пат, но тоа место ќе го заслужиме со квалитет и со испорака, а не со тоа што ќе потпишуваме бели листови хартија – истакна премиерот.
Тој додаде дека фрустрацијата кај граѓаните од долгиот процес е присутна, но дека поддршката за ЕУ мора да остане константна.
– Достоинството нема цена. И затоа велам нема пократок пат. Ќе трпите и навреди, и критики, и честопати невистини. Најчесто и измислици, но тоа е цената што морате да ја платите и да ја издржите. Зашто треба да верувате во тоа што го правите – рече Мицкоски.
Куса средба за долги одговори
Категоричниот и непопустливиот став, чија суштина премиерот и досега ја повторуваше повеќе пати, доаѓа во време кога властите во Скопје и новоизбраната гарнитура во Софија го опипуваат пулсот за идните односи околу веќе долгогодишниот проблем. Но, изминативе денови како да не даваат позитивни навестувања за некакви промени. Напротив. Неприфатлива квалификација која укажува на непочитување на идентитетот, нови ултиматуми, недоверба и песимизам кој не најавува нов почеток го придружија првиот, кус, контакт на министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Весислава Петрова-Чамова, вчера во Брисел. Соопштенијата дадени од двете страни по неколкуминутната средба на маргините на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ не дадоа многу надеж дека идните меѓудржавни односи и комуникација околу изнаоѓањето на решението за деблокирање на македонските преговори за членството во ЕУ ќе одат мазно. Кусо време откако новиот бугарски премиер, Румен Радев, упати порака до македонското раководство дека „треба да ги запише сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“ и каде што меѓу редови можеше да се прочита бугаризирање на македонскиот идентитет, новата министерка Петрова-Чамова упати нова неприфатлива порака употребувајќи го терминот „северномакедонски партнери“.
– Имавме добра прва средба со министерот за надворешни работи на Македонија. Бугарија има јасно изразен став, кој од 2022 година натаму веќе не е билатерално прашање, туку прашање на дискусија меѓу ЕУ и земјата кандидат. Денеска овој став беше потврден и мило ми е што за него имаме широк политички консензус во Бугарија. Им го кажав ова и на нашите северномакедонски партнери. Очекуваме активности од нивна страна кои ќе покажат дека имаат целосна политичка подготвеност да продолжат напред по својот европски пат – порача Петрова-Чамова во објавата на социјалните мрежи.
Објавата, која дојде во време на опипување на пулсот за идните македонско-бугарски односи, веднаш предизвика и реакција на Муцунски.
– Имавме кратка размена на зборови на маргините на настан, во присуство на повеќе колеги. Ако едноминутен разговор се нарекува „средба“, тогаш денес навистина имавме многу „средби“. Воедно, би сакал да потсетам дека користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ. Во дипломатијата, прецизноста не е формалност. Таа е одраз на почит. А, како што ѝ кажав на Велислава, се надевам дека наскоро навистина ќе одржиме средба – во пријателска и позитивна атмосфера, насочена кон градење добрососедски односи и нашата заедничка европска иднина – нагласи Муцунски во објавата.
Македонските државни власти досега повеќепати укажувале на тоа дека во македонско-грчката спогодба од 2018 година нема никаков основ за нечие користење на термините „северномакедонски”, „с. македонски” и „северно македонски”. Односно, дозволена е употребата само на термините „македонски“, „Македонци“.
Што со уставните промени?
Но, средбата во Брисел предизвика и реакција кај лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче.
– Пораката што ја доби Муцунски од Петрова-Чамова е јасна – дека Бугарија има јасно изразен став, кој од 2022 година не е билатерално, туку прашање за дискусија меѓу ЕУ и земјата кандидат и дека доколку не ги спроведе обврските, Македонија би можела да ја изгуби можноста да биде дел од проширувањето во наредните години. Колку повеќе докази им требаат на граѓаните на Македонија дека оваа криминална организација предводена од Христијан Мицкоски лаже? Без вклучување на малцинствата во Уставот – што е европско, а не бугарско прашање – нема да има напредок во интеграциите во ЕУ – наведе Филипче во објавата.
На неговите ставови реагираше и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во партиското соопштение е наведено дека првин јасно и недвосмислено го осудува говорот на бугарската министерка Петрова-Чамова, во кој таа користи термин ,,северномакедонски”.
– Во контекст на изјавата, министерката Петрова-Чамова, го искористи поимот ,,северномакедонски” за означување на македонскиот народ, а тоа е неточно и несоодветно. Во Македонија живеат Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци, но Северномакедонци нема. Повикуваме на разумност и внимателност во говорите на бугарските политичари, за да не можат да бидат искористени за политички цели – се наведува во соопштението.
Се додава и тоа дека „Венко Филипче, кој од петни жили ги брани бугарските позиции на Румен Радев, молчи кога го нарекуваат Северномакедонец“.
– Тоа е таа мекотелна политика на СДС, Заев и Филипче. Доколку тие се на власт, ќе ги променат и идентитетот, јазикот, историјата и културата. Со овој однос на Филипче и СДС, станува јасно дека тие немаат проблем Гоце Делчев да е Бугарин, Илинденското востание да е бугарско, Крсте Петков Мисирков да е Бугарин, и секако, немаат проблем Македонија да стане бугарска провинција – се вели во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, СДСМ возврати дека власта, наместо да се фокусира на реформи, создава политички тензии и конфликти, особено со соседите, со цел да се дефокусира јавноста од, како што велат, неисполнетите ветувања.
Практично, на виделина повторно излегува суштината на спорот: ултимативни барања на бугарската страна за уставни и други промени и категоричниот став на македонската страна дека не треба да се дозволи „билатерализацијата на пристапните критериуми“ и добивање на јасна гаранција дека уставните измени нема да бидат вовед во бескрајна серија нови барања со цел да се негира македонскиот идентитет. (Б. Ѓ.)
По истекот на мандатот, премиерот се враќа меѓу студентите
Премиерот Христијан Мицкоски на „Самитот на Македонија“ изјави дека по завршувањето на неговиот мандат како премиер, планира да се врати на работата како универзитетски професор.
– Јас не сум професионален политичар. Јас сум инженер, претпоставувам дека на крајот од овој мандат ќе се вратам меѓу студентите на факултет, за разлика од голем број мои колеги, лидери на држави и премиери во регионот – изјави Мицкоски.












