четврток, август 27, 2026
Дома СВЕТ Уривањето на глечерот што предизвика поплави во Непал, регистриран како земјотрес со...

Уривањето на глечерот што предизвика поплави во Непал, регистриран како земјотрес со јачина од 5,2 степени

0
screenshot X

Првичните истраги покажаа дека уривањето на глечер ја предизвикало поројната поплава на границата меѓу Непал и Тибет во средата, во која загинале најмалку 177 лица, додека повеќе од 1.500 лица и натаму се водат како исчезнати.

Првичните информации укажуваа дека земјотрес предизвикал одрон, кој се урнал во реката Лендхе Кхола во Непал и довел до поплавата.

И Американскиот геолошки институт (USGS) потврдил дека катастрофата била предизвикана од уривање на глечер. Тоа се случува кога глечерот или негов дел се распаѓа и се урива. Ударот на наносот во дното на долината бил толку силен што бил регистриран како сеизмички настан со магнитуда од 5,2 степени според Рихтеровата скала, наведува USGS.

Регистрираната магнитуда одговара на умерен земјотрес, што ги објаснува претходните извештаи за сеизмичка активност.

Д-р Сајмон Кук, експерт за глечери од Универзитетот во Данди, за Би-би-си изјавил дека неговиот тим утврдил оти долниот дел од глечерот, оддалечен 15 километри западно од подрачјето погодено од поплавите, се урнал.

Глечерот е голема маса мраз која илјадници години се формира од набиен снег и која под сопствената тежина бавно се движи надолу. Глечерите содржат и големи количества карпи и седименти. Додека се движат, тие постепено ги обликуваат планинските предели, носејќи со себе големи количества еродиран материјал.

Уривањето на овој голем дел од глечерот на стрмното планинско подрачје предизвикало нешто што практично се претворило во лавина од мраз и карпи. Голема количина мраз и карпест материјал навлегла во реката Ленде Кхола, притока на реката Бхоте Коши, што потоа предизвикало нагло зголемување на водостојот и порој кој низводно носел вода, седименти и големи карпи.

Анализата на Меѓународниот центар за интегриран планински развој (ICIMOD), меѓувладина научна институција, покажала дека нивото на водата во реките низводно се зголемило за седум до девет метри за само 30 минути, додека неколку станици за следење на водостојот биле уништени.

Речните долини во погоденото подрачје се опкружени со стрмни планини, кои го спречуваат страничното ширење на водата и го насочуваат поројот од вода и наноси со голема брзина, што може да се види и на видеоснимките од поплавата.

Научниците со години предупредуваат на топењето на мразот и вечниот мраз (пермафростот) во криосферата – замрзнатите делови на Земјата – како последица на зголемувањето на температурите предизвикано од акумулираните емисии на стакленички гасови од човечките активности во последните два века.

Иако не е познато што точно го предизвикало уривањето на глечерот во Непал во средата, затоплувањето на планетата придонесува глечерите и вечниот мраз да се топат сè побрзо.

Кук за Би-би-си објаснил дека „ќе има сè повеќе одрони, текови на наноси, топење на глечерите, излевања од глацијалните езера и уривања на глечери, бидејќи затоплувањето на климата на крајот ги дестабилизира овие високопланински подрачја“.

Извештајот на ICIMOD, објавен претходно годинава, покажал дека хималајските глечери во регионот Хиндукуш губат мраз двојно побрзо отколку во периодот од 2000 година. Тоа дополнително го зголемува ризикот од појави како што се поплавите.

Во 2021 година, уривањето на глечер во Утаракханд, во северна Индија, предизвикало поројна поплава во која загинале 200 лица. Еден хидроенергетски проект бил целосно уништен, а друг претрпел сериозни оштетувања.

ИЗДВОЕНИ