недела, јули 19, 2026
Дома СВЕТ Сектите ги пуштаат канџите на Интернет, се кријат зад духовни инфлуенсери, курсеви...

Сектите ги пуштаат канџите на Интернет, се кријат зад духовни инфлуенсери, курсеви за личен развој, групи за разговор…

66

Механизмите за врбување остануваат исти: се наоѓа личност што поминува низ тежок период и ѝ се посветуваат внимание, разбирање и чувство на припадност, а семејството, пријателите и претходните врски се претставуваат како пречки или опасности. Потоа доаѓаат финансиските барања, контролата на информациите, јавното понижување, користењето на приватните исповеди како средство за морална уцена, а во најтешките случаи, сексуално насилство и физичко малтретирање

 

Приказната за сектите денес повеќе не бара црни свеќи, подземни крипти или ритуали во шумите. Феноменот сега се движи, главно, преку Интернет, преку приватни соби за разговор, групи на „Телеграм“, курсеви за личен развој, алтернативна духовност и ветувања за емоционална благосостојба.

Новите секташки организации го променија својот јазик, изгледот и стратегијата на дејствување. Тие се претставуваат како заедници на поддршка, места за разговор, внатрешно лекување или личен напредок. Сепак, зад оваа смирувачка надворешност често се кријат механизми на психолошка контрола, финансиска зависност и социјална изолација, пишува РТС. Според најновите процени на здруженијата и на експертите, денес во Италија работат повеќе од 500 секташки движења, кои здружуваат милиони луѓе. Точниот број е тешко да се утврди, бидејќи нема ажурирано институционално следење на овој феномен: последниот официјален извештај на италијанското Министерство за внатрешни работи беше објавен во 1998 година. Оттогаш феноменот значително се промени, особено благодарение на Интернетот и социјалните мрежи, кои станаа главно средство за регрутирање нови членови.

Најголема загриженост предизвикуваат таканаречените психосекти, групи што ветуваат среќа, ментална рамнотежа, професионален успех или духовен развој преку навидум безопасни програми. Механизмот е речиси секогаш ист: се наоѓа личност што поминува низ тежок период, губење сакана личност, развод, невработеност или лична криза, а потоа ѝ се посветуваат внимание, разбирање и чувство на припадност. Експертите ја нарекуваат оваа фаза „љубовно бомбардирање“, односно емоционално бомбардирање со внимание и љубов, со цел личноста да се чувствува прифатена и посебна. Од тој момент, групата постепено почнува да го заменува надворешниот свет. Семејството, пријателите и претходните врски се претставени како пречки или опасности. Водачот на групата станува апсолутен авторитет и единствен толкувач на „вистината“. Она што првично изгледало како духовен или терапевтски пат, може да се развие во сериозна психолошка зависност. Методите се разликуваат од група до група, но одредени шеми се повторуваат: зголемување на финансиските барања, контрола на информациите, јавно понижување, користење на приватните исповеди како средство за морална уцена, а во најтешките случаи, сексуално насилство, физичко малтретирање или манипулација со здравствените одлуки на членовите.

Последниве години, голем број случаи од црната хроника повторно го привлекоа вниманието на италијанската јавност кон овој проблем. Меѓу нив е случајот од Алтавила Милиција во близина на Палермо, каде што 54-годишен градежен работник, според истражителите, ги убил својата сопруга и двајцата синови, на возраст од 15 и 16 години, убеден дека треба да ги ослободи од демони. Експертите, сепак, предупредуваат дека не треба да се гледа проблемот само низ екстремни случаи, а вистинската опасност лежи токму во групите што изгледаат модерно, нормално, па дури и добронамерно. Денес, повеќе не се регрутираат нови членови само преку тајни состаноци или маргинални социјални кругови. Дигиталните платформи ги отстранија речиси сите бариери. Духовните инфлуенсери, мотивациските „гуруа“ и самопрогласените експерти за благосостојба ги користат социјалните медиуми како постојана витрина: мотивациските видеа, медитациите, курсевите за личен развој често се првиот чекор кон подлабоко вклучување во култот.

Здруженијата што им даваат поддршка на поранешните членови на секти и на нивните семејства велат дека меѓу жртвите има образовани луѓе, професионалци, млади луѓе, претприемачи и домаќинки – никој не е целосно имун. Напуштањето таква група е често најтешкиот дел од процесот, наведува РТС. Луѓето што одлучуваат да напуштат култ често остануваат целосно изолирани, со длабоко чувство на вина и со страв од психолошки или морални последици. Многу поранешни членови зборуваат дека им биле потребни години за повторно да го обноват сопствениот идентитет. Затоа експертите инсистираат на превенција, пред сè, зашто модерните секти ретко го имаат застрашувачкото лице што колективната имагинација сè уште им го припишува, па тешко се препознаваат.

ИЗДВОЕНИ