Холандскиот репрезентативец Тиџани Рејндерс минатото лето направи голем трансфер,откако го напушти Манчестер сити и се пресели во Ал Кадисија во Саудиска Арабија. Тој сега без влакна на јазикот зборуваше за причините поради кои ја донел оваа одлука. Откри дека неговото време во Манчестер сити практично било прикрај откако клубот довел нови играчи за средниот ред и решил да продаде дел од своите фудбалери. Тој разговарал и со Атлетико Мадрид, но преговорите не завршиле успешно поради висината на отштетата. Единствено Ал Кадисија била подготвена да ги исполни финансиските барања на англискиот клуб и платила околу 60 милиони евра.
- Да, всушност, така беше – одговори Рејндерс на прашањето дали саудискиот клуб бил единствениот подготвен да ја плати бараната сума.
Холанѓанецот призна дека финансискиот аспект имал голема улога во неговата одлука. Според извештаите, за пет години во Саудиска Арабија, тој би можел да заработи околу 100 милиони евра.
- Не може ниту да се негира тоа. Платата што се нуди таму… нека се обиде кој било играч да ја одбие – изјави тој.
Рејндерс беше уште подиректен кога зборуваше за својата иднина и за финансиската сигурност.
- Парите дефинитивно играат улога. Кога ќе ми заврши фудбалската кариера, не сакам повеќе да работам – порача играчот.
Тој додаде дека сака заработеното да му овозможи сигурност не само нему туку и на идните генерации во семејството.
- Ако може моите внуци да живеат од ова, зошто да не? Нема да лажам за тоа – додаде Рејндерс.
И покрај критиките дека заминувањето во Саудиска Арабија може да му наштети на кариерата, тој не се согласува со таквите ставови.
- Многу луѓе веруваат дека завршува кариерата на фудбалерот со преселбата во Саудиска Арабија, но не е точно тоа – заклучи холандскиот репрезентативец.











