Ученик од седмо одделение во ООУ „Стив Наумов“ преку социјалната мрежа Тик-Ток објавил список со имиња и презимиња на негови соученици и нивните родители, заедно со датум кога наводно требало да се реализираат заканите.
Поради случајот, родители на учениците поднеле претставка до Државен просветен инспекторат, додека училиштето ги известило СВР Битола, Центар за социјални работи и Подрачното одделение за образование.
Директорот на училиштето изјавил дека содржините биле објавени надвор од училиштето и наставниот процес, но нагласил дека училиштето активно соработува со надлежните институции за целосно расчистување на случајот.
Според информациите што ги објавија медиумите, ученикот претходно бил префрлен во друго одделение со цел полесно да се вклопи во средината. По недоразбирања со новите соученици и реакции од нивните родители, тој почнал да објавува заканувачки и недолични пораки на социјалните мрежи.
Поради ситуацијата бил одржан и родителски состанок, на кој дел од родителите побарале ученикот да биде преместен од одделението.
Од училиштето соопштија дека веднаш постапиле согласно законските надлежности и презеле мерки за заштита на учениците и стабилизирање на состојбата.
„Безбедноста и благосостојбата на учениците останува наш највисок приоритет и ќе продолжиме да соработуваме со институциите до целосно разрешување на случајот“, наведуваат од училиштето.
Воедно, апелираат до јавноста да не се шират непроверени информации и да се почитува приватноста на сите инволвирани лица, бидејќи станува збор за малолетници.
Родителите на ученикот, според медиумските информации, најавиле дека ќе го префрлат во друго училиште.












