Естонија го зазема првото место на листата на најдобри земји и територии за преселба во 2026 година, благодарение на нејзиниот развиен банкарски систем, деловните можности и имотните права за странските граѓани.
Rumavi Global Relocation Index вклучуваше 192 земји и територии кои беа оценети според 24 индикатори, поделени во четири категории – финансии и даноци, квалитет на живот и здравје, безбедност и стабилност и можности за населување и развој. Естонија доби 99 од можни 100 поени за валута и банкарски систем, 96 за деловни можности, 82 за прифатливост на домување, 86 за достапност на зелени површини и 77 за безбедност на улиците.
Најлош резултат постигна во категоријата климатска удобност, со само 20 поени, првенствено поради студените и темните зими.
Индексот се базира на податоци од меѓународни организации и други истражувања, вклучувајќи податоци од Светската банка, истражувањето за трошоците за живот на Мерсер и индикатори за политичка стабилност и мир. Секоја земја беше оценета и според достапноста на здравствена заштита, квалитетот на воздухот, даночното оптоварување, безбедноста, можностите за постојан престој, образованието и дигиталната инфраструктура.
По Естонија на листата се Сингапур, Малезија, Португалија и Тајван. Литванија се најде на шестото место, а меѓу првите десет се најдоа и Хонг Конг, Свети Китс и Невис, Чешка и Малта.
Естонија, исто така, се најде на првото место на посебна листа на земји најпријателски настроени кон семејствата, додека се најде на второ место меѓу најдобрите дестинации за претприемачи, зад Сингапур.












