Фото: printscreen N!

Во Русија е покрената постапка против новинарот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ) Михаел Мартенс поради неговите коментари за Русите, тврди руската новинска агенција ТАСС.

„Против Мартенс е отворена кривична постапка според Кривичниот законик на Русија (поттикнување на омраза или непријателство)“, изјави изворот на агенцијата, пренесува „Данас“.

Според него, се разгледува прашањето за ставање на новинарот на меѓународна потерница и избор на превентивна мерка против него во отсуство.

Доколку биде прогласен за виновен, тој може да се соочи со затворска казна до шест години.

На прес-конференцијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски и српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград на 8 август, новинарот на ФАЗ Мартенс праша што европските земји би можеле да направат за „да помогнат во убивањето на повеќе Руси“.

Потоа беше креирана онлајн петиција со која се бараше смена на новинарот. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги нарече повиците на Мартенс за убиство на Руси неприфатливи и криминални, потсетува ТАСС.

Редакцијата на „Данас“ испрати прашање до Мартенс во кое го прашува дали е запознаен со тврдењата на ТАСС за кривичната постапка против него што е покрената во Русија, но одговор до медиумот не е доставен, пишува „Данас“.

ИЗДВОЕНИ