Јапонската компанија TEPCO започна со операции за вадење на остатоци од стопено нуклеарно гориво од оштетената нуклеарна централа „Фукушима Даичи“.
За овој проект се користи далечински управувана роботизирана рака, која е вметната во заштитниот сад на реакторот бр. 2 во централата.
Според компанијата, роботизираната рака – која првично била склопена во метална обвивка – била извлечена до својата целосна должина, а нејзиниот врв поминал низ вентил на цевка што води кон заштитниот сад, пренесува агенцијата „Кјодо“.
Потоа, таа ќе влезе во садот преку отвор на неговата страна.
Компанијата планира да потроши три до четири месеци на отстранување пречки и собирање тродимензионални податоци за внатрешноста на садот, пред да премине кон третото пробно вадење. Се очекува целата операција, вклучувајќи го и самото вадење, да трае околу шест месеци.
TEPCO се надева дека добиените податоци ќе помогнат во подготовките за отстранување на остатоците од горивото во голем обем. Во два претходни обиди, во 2024 и 2025 година, беше користен уред сличен на риболовен стап за да се извадат вкупно околу 0,9 грама остатоци.
Се проценува дека во трите оштетени реактори на централата останале околу 880 тони остатоци од гориво. Високото ниво на радијација ги спречува работниците да влезат во заштитните садови, поради што состојбата на поголемиот дел од остатоците и околната средина останува непозната. Роботизираната рака ќе ја снима внатрешноста додека истовремено ќе ги отстранува пречките, вклучително и сечење челични шини со помош на млаз вода под висок притисок.
Раката има повеќе зглобови кои ѝ овозможуваат да досегне до широка област, а на нејзиниот врв можат да се прикачат различни алатки. Далечински управуван робот со две раце, сместен во единица за складирање, ќе ги менува алатките во зависност од конкретната задача. За развојот на роботизираната рака и поврзаните проекти се потрошени приближно 7,8 милијарди јени јавни средства – што е еквивалентно на околу 44 милиони евра.












