Ракометарите на Алкалоид го добија дуелот со словенечкиот Горење Велење со 32:23 во првиот натпревар од третото коло во ЕХФ Европскиот куп. Македонскиот претставник кој пред две години го освои ова натпреварување, успешно ја заврши домашната задача и обезбеди солидна предност пред реваншот кој ќе се игра на 29 ноември на гостински терен.
Тренерот Кирил Лазаров, по мечот изрази задоволство од изданието на своите ракометари, особено ако се земе предвид квалитетот на противникот и напорниот распоред на Алкалоид. Сепак, посочува дека Горење во краток период успеало да ја намали разликата и дека неговиот тим мора да остане максимално концентриран и на гостувањето.

„Задоволен сум од постигнатиот резултат. Анализите покажуваат едно, но сосема друго е кога ќе се најдете на теренот. Извојувавме превисока победа, ако се земе предвид каква екипа имавме за противник, особено тркачки, технички и тактички. Станува збор за класична словенечка екипа. Одигравме натпревар со многу трчање, резултатот одеше горе-долу. Заминавме на девет разлика, но противникот нè врати на пет, па резултатот можеше да се сведе и на два-три гола. Повторно се одлепивме на девет, додека Горење брзаше да се врати во мечот. Морам да бидам задоволен од играчите. Имавме тежок натпревар со Еурофарм Пелистер, во кој доста се исцрпивме, а за овој дуел имавме само два дена подготовка. Честитки за ракометарите, но сега ни следи реваншот и мораме добро да се подготвиме за да одиграме квалитетно. Никогаш не се знае колку е сигурна една разлика. Мораме да се подготвиме максимално, бидејќи видовме дека Горење за краток период може да направи серија од три до четири гола. Екипата мора постојано да биде будна, затоа што малку е потребно натпреварот да тргне во друга насока, а станува збор за елиминациски дуел, изјави Лазаров.
Најдобри стрелци на натпреварот кај Алкалоид беа Марко Митев и Матиц Сухолежник со по пет гола, а Никола Костески и Игор Ѓорѓиев имаа по четири гола. Голманот Марко Кизиќ заврши со девет одбрани. Кај Горење, Аљаж Пратнекар даде шест гола.
Охрид без мака до осминафинале
Ракометарите на Охрид втора сезона по ред обезбедија пласман во осминафиналето на Европскиот куп на ЕХФ. Актуелниот освојувач на трофејот го мина литванскиот Драгунас Клаипеда во третото коло и уште еднаш потврди дека има високи амбиции на европската сцена.
„Гладијаторите“ го решија прашањето на патникот во следната рунда уште по првиот натпревар, во кој славеа убедливо со 30:19. Пласманот меѓу најдобрите 16 го потврдија и пред домашната публика во СРЦ „Билјанини Извори“, со нов триумф од 32:25.
Ѓукиќ беше најефикасен во редовите на Охрид со седум погодоци. По четири гола постигнаа Иванковиќ, Лјапис и Зечевиќ, додека кај гостите Драксас беше најдобар со четири погодоци. Охрид сега го очекува осминафиналната фаза, во која ќе продолжи да ја брани титулата освоена минатата сезона.












