понеделник, јуни 8, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Расте револтот во аграрот, земјоделците бараат смена на Трипуновски и најавуваат протести

Расте револтот во аграрот, земјоделците бараат смена на Трипуновски и најавуваат протести

Доцнат субвенциите, нема производствени и откупни цени за пченицата и јачменот пред жетвата, а земјоделските здруженија предупредуваат дека лошите политики и неконтролираниот увоз го доведуваат во прашање опстанокот на домашното производство. Доколку институциите итно не понудат решенија, земјоделците најавуваат протести, порачувајќи дека нивниот глас ќе се слушне – ако не во институциите, тогаш на улица

59

Состојбата во македонското земјоделство е алармантна. Исплатата на субвенциите доцни, земјоделците сè уште не можат да аплицираат за нови субвенции, а во пресрет на жетвата на пченицата и јачменот нема утврдени ниту производствени ниту откупни цени. Наталожените проблеми ја прелија чашата, па земјоделците велат дека веќе не гледаат решение за кризата што со години го погодува аграрниот сектор. Поради состојбите во земјоделството и, како што велат, погрешните политики што доведоа до дополнително ослабување на домашното производство, тие бараат смена на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Во меѓувреме, и опозицискиот СДСМ поднесе интерпелација за министерот, обвинувајќи го за корупција, скандали и спроведување штетни политики во ресорот.

– Доцни исплатата на субвенциите, а пријавувањето за новите сè уште не е започнато. Немаме средби со Министерството за земјоделство за решавање на наталожените проблеми. Жетвата е на прагот, а производствените и откупните цени на житарките сè уште не се познати. Дополнителен проблем се и договорите за земјоделско земјиште кои не се ставаат во владение, како и многу други прашања за кои институциите треба да понудат решенија. Доколку состојбата не се промени, не се исклучени ниту протести, вели Гоце Серафимов од Асоцијацијата на земјоделци.

Од Националната земјоделска мрежа ги потврдуваат забелешките на земјоделците и оценуваат дека македонското земјоделство е жртва на лошите политики што се водат во ресорното министерство. Оттаму велат дека немаат никаква соработка со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, и дека токму поради тоа, аграрниот сектор е доведен во ваква загрижувачка состојба.

– Не се проблем само субвенциите, туку има многу наталожени проблеми. Се дозволува увоз на градинарски производи во услови кога домашното производство е доволно за да ги задоволи потребите на пазарот. Увозните производи доаѓаат по пониски цени и дополнително ја намалуваат вредноста на домашното производство, а државата, иако во рамките на ЦЕФТА располага со низа механизми, не презема ништо за заштита на домашните производители. Поради тоа, постои реална опасност да биде уништено и она малку земјоделско производство што остана. Состојбата е алармантна во сите сектори. Субвенциите доцнат, а воедно се и значително намалени и условени. За да ги добијат, земјоделците мора најмалку 30 отсто од своето производство да предадат кај регистрирани откупувачи, и тоа во услови кога нема однапред дефинирани откупни цени. Поради тоа тие често се принудени своите производи да ги продаваат под производствената цена, со што се девалвира нивниот труд и вложувања – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Според Каракашев, државата нема јасна развојна стратегија за земјоделството, а од надлежните институции не се гледаат посериозни напори за надминување на наталожените проблеми во секторот.

– И покрај тоа што Министерството за земјоделство, согласно со Законот за земјоделство и рурален развој, е обврзано пред почетокот на жетвата да ги објави производствените и откупните цени на пченицата и јачменот, тие сè уште не се утврдени, иако жетвата во некои региони веќе започна. Ваквата неизвесност ги демотивира земјоделците да инвестираат во македонскиот аграр, бидејќи не можат однапред да пресметаат дали нивниот труд и вложувања ќе бидат соодветно вреднувани и исплатливи – додава Каракашев.

Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица, вели дека земјоделците се револтирани од состојбите во секторот и дека не гледаат можност за подобрување без промени во раководството на Министерството за земјоделство.

– Субвенциите доцнат, а поради тоа земјоделците не можат да аплицираат ниту за новите мерки за поддршка. Со ваквата состојба директно е доведен во прашање опстанокот на македонскиот аграр. Најголемиот дел од субвенциите требаше да бидат исплатени во март, а остатокот до крајот на јуни, додека од 1 јули треба да почне аплицирањето за нови субвенции. Во меѓувреме, жетвата е на прагот, а сè уште нема ниту производствени ниту откупни цени за пченицата. Тоа создава сериозен сомнеж кај земјоделците дека откупната цена ќе биде ниска и нема да ги покрие ниту основните производствени трошоци – изјави Велков за весникот ВЕЧЕР.

Доколку надлежните институции во најкус можен рок не понудат конкретни решенија за наталожените проблеми, земјоделците најавуваат протести. Велат дека трпението е при крај и дека е време нивните барања конечно да бидат слушнати.

„Гласот на земјоделците мора да се слушне. Ако тоа не се случи во институциите, ќе бидеме принудени да го побараме своето право на улица“, порачуваат земјоделските здруженија.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ