Службеничката во Министерството за земјоделство, Јасмина Костадинова, која призна вина дека примила поткуп од 2.000 евра во случајот за злоупотреба на ИПАРД-фондовите, доби казна затвор од десет месеци.
Судот одлучи да се одземат мобилните телефони и да се конфискуваат парите што се дел од кривичното дело. Костадинова, на минатото рочиште, бараше судот да ѝ врати дел од запленетите пари за кои тврдеше дека се нејзини.
Таа е еден од деветтемина обвинети што требало да помогнат фирма што не била меѓу рангираните да земе пари од европските ИПАРД-фондови.
Во случајот, првообвинет е поранешниот министер, Џевдет Насуфи, кој со понуден поткуп од 50 илјади евра потпишал договор за користење пари од ИПАРД-програмата, иако неговата фирма не ги исполнувала условите.
Според Обвинителството, измамата била направена со помош на ексдиректорот на Платежната агенција, Стоилев, и неколкумина вработени. Судењето за нив ќе продолжи на 11 мај.












