вторник, октомври 13, 2026
Дома БАЛКАН Протестот во Тирана излезе од контрола: Петарди, камења и водени топови, приведени...

Протестот во Тирана излезе од контрола: Петарди, камења и водени топови, приведени се 23 лица/ВИДЕО

23

Протестот на студенти и граѓани пред Министерството за образование во Тирана прерасна во судири со полицијата. Приведени се 23 лица, додека шест полицајци и една новинарка се повредени. Демонстрантите изјавија дека сакаат да укажат на проблемите со кои се соочуваат младите во образовниот систем, пренесува „Еуроњуз Албанија“.

За време на протестот, демонстрантите фрлаа јајца, петарди и други предмети кон зградата на Министерството, оштетувајќи ја фасадата и прозорците. Некои од демонстрантите откорнаа метални огради и плочи од тротоарот и ги фрлаа кон зградата.

Полицијата употреби водени топови, а потоа и солзавец за да ги растера демонстрантите. Според полицијата, кон полицајците биле фрлани молотови коктели, петарди, камења и други тврди предмети. Полициските претставници тврдат дека интервенцијата била пропорционална и насочена кон воспоставување јавен ред и мир.

Албанскиот министер за внатрешни работи, Ервин Демо, го осуди насилството врз полицајците и ги повика демонстрантите да придонесат кон смирување на тензиите.

„Шест полицајци од државната полиција беа повредени додека ги извршуваа своите должности и се грижеа за редот и безбедноста. Насилството не е оправдано“, изјави Демо.

Во меѓувреме, Народниот правобранител најави покренување административна истрага за употребата на сила за време на полициската интервенција. Целта е да се утврди дали постапките на полицијата биле неопходни и пропорционални.

ИЗДВОЕНИ