понеделник, јули 6, 2026
Дома БАЛКАН Протестите ја надминуваат апатијата и ги мобилизираат младите: Луксузот на Кушнер во...

Протестите ја надминуваат апатијата и ги мобилизираат младите: Луксузот на Кушнер во заштитено подрачје ја буди Албанија

0
EPA/MALTON DIBRA

Протестите во Албанија, кои сега се во вториот месец, продолжуваат на улиците на Тирана поради планиран туристички проект од група инвеститори. Сепак, токму поврзаноста на проектот со зетот на Доналд Трамп го привлече вниманието на светот.

Планиран е голем туристички проект за место наречено Звернец и островот Сазан, во кој учествуваат неколку инвеститори, вклучувајќи компанија поврзана со зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер.

Ова е заштитено подрачје кое е дом на бројни видови птици – фламинга и пеликани.

Проектот предизвика повеќенеделни протести од страна на жителите на Тирана и еколошките активисти, кои, под слоганот „Фламинго револуција“, протестираат, верувајќи дека ќе го уништи ова уникатно природно подрачје.

Протестите, кои започнаа како противење на проект поврзан со Кушнер, прераснаа во протести во кои демонстрантите бараат оставка од албанскиот премиер Еди Рама.

Граѓаните тврдат дека целиот процес се спроведува без транспарентност, наведувајќи дека претходните проекти биле водени на сличен начин.

„Протестирам за одржлив развој, а не за елитниот развој што го претставуваат, од кој, според мене, народот нема да има корист, туку само неколку олигарси ќе профитираат“, рече еден демонстрант.

„Кредибилитетот и довербата се изгубени. Тоа е суштината“, рече еден албански граѓанин.

„Корупцијата сега е проблем. Нема транспарентност и земјиштето што им припаѓа на сопствениците треба да се развива со согласност на двете страни, со цел да се изгради Албанија на легален начин, а не преку грабеж и одземање“, смета демонстрантот.

Од друга страна, Еди Рама тврди дека проектот сè уште не постои и дека најдобрите меѓународни компании работат на тоа да се осигурат дека идниот план е целосно усогласен со заштитата на природата.

Аналитичарите проценуваат дека ова се најголемите и најневообичаените протести што ги видела Албанија во последните неколку децении.

„Каков ефект ќе имаат протестите останува да се види, но сигурно е дека многу работи треба да се променат. Не само владата и начинот на кој владее, не само опозицијата и нејзиниот начин на дејствување, не само улогата на медиумите. Протестот постигна две работи за кои мислевме дека се невозможни: ја надмина апатијата и ги мобилизираше младите луѓе“, објаснува аналитичарот Лутфи Дервиши, а пренесе Н1.

Покрај загриженоста дека проектот може да загрози уникатно природно подрачје и неговото живеалиште, тој е придружен и со спорови околу сопственоста на дел од земјиштето на кое е планирана изградба.

ИЗДВОЕНИ