Просечните цени на гасот за домаќинствата во Европската Унија се зголемија во втората половина од 2025 година на 12,28 евра за 100 киловат-часови, објави денес „Евростат“.
Според податоците од Европскиот завод за статистика, ова е речиси 7,5 проценти повеќе отколку во првите шест месеци од минатата година, кога 100 киловат-часови чинеа просечно 11,43 евра.
Зголемувањето на цената укажува на враќање на вообичаените сезонски флуктуации кои беа карактеристични пред енергетската криза во 2022 година, додека во текот на таа и следната година имаше нарушени движења на цените на пазарите.
Најскап гас за домаќинствата беше во Шведска, каде што цената беше 20,92 евра за 100 киловат-часови, по што следуваа Холандија (17,19 евра) и Италија (14,81 евра).
Најниски цени беа забележани во Унгарија, каде што гасот чинеше 3,40 евра за 100 киловат-часови, по што следуваа Хрватска (5,43 евра) и Романија (5,66 евра).
Највисок даночен товар врз цената на природниот гас беше во Холандија, Данска и Шведска, а најнизок во Хрватска, Грција и Белгија.
Кога цените се прилагодуваат на куповната моќ на населението, домаќинствата во Шведска, Португалија и Италија имаат најскап гас, пренесува „Танјуг“.












