Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, најави повеќе инвестиции за подобрување на условите за детска игра и спорт, со јасна цел, создавање побезбеден, поквалитетен и пофункционален простор за најмладите, но и за сите граѓани.
– Во таа насока, веќе е потпишан договор за изградба на ново детско игралиште со современи реквизити зад Участакот, во централното градско подрачје. Паралелно, започнати се активности за изградба на уште едно вакво игралиште во типската населба, во близина на стадионот со вештачка трева. Дополнително, постојното игралиште во типската населба, веднаш до црквата, ќе биде целосно реконструирано поради неговата дотраеност. За оваа намена се обезбедени средства, а во текот на наредните денови ќе биде објавена и јавна набавка – наброја Проданоски.
Тој додаде дека е во тек и сеопфатна анализа на состојбата во сите населби, со цел навремено да се интервенира таму каде што е најпотребно, преку реконструкција или изградба на нови игралишта.
Воедно, тој нагласи дека е предвидена и реконструкција на спортските игралишта во ООУ „Кочо Рацин“ и ООУ „Кире Гаврилоски“, со поставување современа тартан-подлога.
– Особено значаен чекор е и проектот за изградба на спортска сала во населено место, во ООУ „Страшо Пинџур“ во Мало Коњари, инвестиција која ќе обезбеди подобри услови за спорт и физичка активност за учениците – наведе градоначалникот.












