Автопатот Прилеп–Битола се гради со засилена динамика и според предвидениот план, при што веќе се реализирани околу 55% од трасата. На терен работат повеќе од 75 машини, а паралелно се изведуваат и мостови, потпатници и клучки. Во завршна фаза се дел од објектите кај Алинци и Ново Лагово, додека активностите се интензивираат и на повеќе други локации. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски при увидот на работите на терен рече дека експропријацијата е речиси комплетирана, што овозможува непречено одвивање на работите. Тој очекува автопатот да биде готов во 2028 година, што ќе донесе значајни придобивки за економијата на Пелагонискиот регион.

Изградбата на автопатот Прилеп–Битола се одвива со засилена динамика и според предвидениот план, при што се надминуваат сите тековни предизвици на терен, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при увид на градежните активности заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски. Тој посочи дека се очекува автопатската делница да биде завршена на почетокот од 2028 година.

– Се работи со силен интензитет на терен, со добра координација меѓу институциите и изведувачот. Овој проект е од исклучително значење за целиот регион – нагласи Николоски.

Според официјалните податоци, досега се пробиени 22 километри од вкупно предвидените 40 километри, што претставува околу 55 проценти од трасата. Паралелно со земјените работи, активно се градат и придружни инфраструктурни објекти, меѓу кои два моста, два потпатника, еден натпатник и една клучка.

Во завршна фаза се работите на потпатникот кај Алинци, како и на потпатникот под регионалниот пат R1101 и натпатникот кај селото Ново Лагово. Забрзани активности се бележат и кај населените места Тополчани и Вашарејца.

На терен во моментов се ангажирани повеќе од 75 машини и градежна механизација. Во однос на процесот на експропријација, од вкупно 1.263 предмети, решени се 1.204, додека 59 се во тек, што, според надлежните, укажува на забрзана реализација на оваа фаза.

Николоски потенцираше дека навременото завршување на автопатот ќе има значајно влијание врз економскиот развој на Пелагонискиот регион.

– Овој автопат ќе значи нови инвестиции, развој на локалните бизниси и отворање нови работни места. Станува збор за стратешки проект што ќе придонесе за посилна и поодржлива иднина на регионот – изјави тој.

Автопатот Прилеп–Битола е дел од Коридорот 10-д, паневропска сообраќајна врска со значајно економско и геополитичко значење за државата. Покрај овој проект, министерот најави и започнување на постапка за изградба на нов автопат од Фариш до Прилеп, со што градот ќе биде поврзан со автопатска мрежа од двете страни. Паралелно, во соработка со општина Прилеп, се работи и на план за изградба на обиколница околу градот.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ