Поранешниот директор на Царинската управа и некогашен висок функционер на СДСМ, Стефан Богоев, е меѓу лицата опфатени со акцијата на Управата за финансиска полиција.
Според првичните информации, покрај Богоев, приведени се уште три лица, додека за повеќе други се спроведуваат истражни активности. Акцијата се реализира под координација на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Предмет на истрагата се сомнежи за злоупотреби при јавна набавка во Царинската управа, односно можно незаконско влијание врз тендерска постапка преку која, според сомневањата, била прибавена значителна противправна имотна корист.Неофицијално станува збор за фирма за хигиена која ги одржувала граничните премини.
Од Обвинителството за организиран криминал и корупција потврдија дека Финансиската полиција спроведува координирана акција поради основани сомневања за коруптивни кривични дела, но поради тековната истрага засега не соопштуваат дополнителни детали.
Се очекува во текот на денот надлежните институции да излезат со повеќе информации за случајот.
Богоев во минатото беше потпретседател на СДСМ, пратеник во Собранието и градоначалник на Општина Карпош во периодот од 2017 до 2021 година. На чело на Царинската управа беше именуван во јуни 2023 година, а функцијата ја извршуваше до јули 2024 година.
Од СДСМ оценија дека случајот против Стефан Богоев се отвора во момент кога Владата се соочува со критики од Европската Унија за застојот во евроинтеграциите и недостатокот на реформи. Според партијата, постојат сериозни сомнежи за политичко влијание врз правосудните институции и обид за дефокусирање на јавноста од актуелните проблеми
„Наместо институции што работат независно, гледаме јавни најави на истраги и апсења од страна на премиерот Мицкоско, што ги потврдува сериозните сомнежи за целосно политичко влијание врз правосудниот систем“, велат од СДСМ.












