Принцот Хари и шест други тужители го загубија случајот во Високиот суд во Лондон против „Асосиејтед њузпејперс“ (Associated Newspapers), издавачот на „Дејли мејл“ и „Мејл он сандеј“, објави „Би-би-си“.
Судијата Никлин пресуди дека тужителите не успеале да докажат тврдења дека новинарите користеле нелегални методи за да добијат информации што се користат во статиите во весникот.
Покрај принцот Хари, тужбата ја поднесоа и бароницата Дорин Лоренс, актерките Елизабет Харли и Сејди Фрост, музичарот Елтон Џон и неговиот сопруг Дејвид Фурниш и поранешниот либерално-демократски политичар Сајмон Хјуз.
Тие тврдеа дека издавачката куќа користела нелегални методи за собирање информации, што „Асосиејтед њузпејперс“силно го негираше во текот на целата постапка.
Во заедничка изјава по пресудата, принцот Хари и бароницата Дорин Лоренс изјавија дека „дошле на суд барајќи правда и одговорност“.
„Не го добивме ниту едното ниту другото. Ова е целосно и очигледно прикривање, но за жал не е неочекувано“, рекоа тие.
Од друга страна, портпаролот на издавачката куќа оцени дека пресудата претставува „убедлива победа за „Дејли Меил“ и неговите новинари“.
Принцот Хари не одговори на прашањата на „Би-би-си“ за пресудата додека го напушташе настанот организиран како дел од Игрите Инвиктус во Лондон.
Во својата пресуда, судијата Никлин нагласи дека обвинувањата се многу сериозни и дека затоа се потребни цврсти докази.
Како што изјави, седумте обвинители не можеле да се потпрат само на сомневања, туку морале да докажат дека информациите навистина се добиени нелегално.
Судијата одби да заклучи дека нелегалното собирање информации е „широко распространета и вообичаена практика“ во компанијата „Асошиејтед њузпејперс“, но го разгледа секое обвинение поединечно.
Тој ги прифати изјавите на новинарите од овој медиум кои, според него, дале правни објаснувања за тоа како ги добиле информациите за спорните статии.
Судот, исто така, оцени дека обвинителите не докажале дека поранешните уредници Пол Дакре и Питер Рајт, како и правниот советник на издавачот Елизабет Хартли, лажеле за време на нивното сведочење пред истрагата на Левесон кога тврделе дека немало нелегални активности во редакцијата.
Во пресудата од 436 страници, судијата анализираше секој наводен случај на нарушување на приватноста.
Една од спорните статии беше објавена во 2013 година, кога кралскиот уредник на „Дејли меил“ напиша дека принцот Хари ќе ја помине Новата година сам, без неговата тогашна девојка Кресида Бонас.
За време на судењето, беше тврдено дека на фриленсер му било доделено нелегално да добие информации за патувањето на Кресида Бонас.












