понеделник, ноември 23, 2026
Дома МАГАЗИН Си замина најголемиот јувелир на нашето време: Почина Паоло Булгари

Си замина најголемиот јувелир на нашето време: Почина Паоло Булгари

0

Италијанскиот јувелир и бизнисмен Паоло Булгари почина во Рим на 89-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја соопшти неговото семејство, опишувајќи го – според италијанските медиуми – како „најголемиот јувелир на нашето време“.

Булгари беше претседател на компанијата „Булгари“ (Bvlgari) почнувајќи од 1984 година, а неговиот накит го носеле холивудски ѕвезди и членови на кралски семејства, меѓу кои и принцезата Дијана. Од компанијата „Булгари“ му оддадоа почит, нарекувајќи го „вистинска креативна душа“ и истакнувајќи дека неговата работа „ќе продолжи да ги инспирира идните генерации“.

Семејниот бренд бил основан во Рим кон крајот на 19 век од страна на неговиот дедо, грчки мајстор за сребро по име Сотириос Вулгарис. Подоцна, тој го прилагодил своето презиме на италијанскиот јазик, земајќи го името Булгари.

Сотириос Вулгарис потекнувал од Парамитија, планинско село во Епир, во северозападна Грција, познато по изработката на сребрен накит. Тој го напуштил тој регион – кој тогаш бил под османлиска власт – се населил во Неапол, а подоцна отворил продавница во Рим.

Паоло Булгари му се приклучил на семејниот бизнис веднаш по завршувањето на своето образование. Станал експерт за скапоцени камења, а подоцна застанал на чело на компанијата и раководел со нејзиното меѓународно ширење.

„Булгари почнал да работи со својот татко во 1960 година, специјализирајќи се за скапоцени камења – област во која станал еден од водечките светски експерти – и развивајќи го естетскиот сензибилитет што претставува суштина на стилот на ’Булгари‘“, наведоа од компанијата.

„Тој го вложи своето срце во својот занает и во поттикнувањето на талентите на младите дизајнери, оставајќи неизбришлива трага во светот на накитот. Ви благодариме, господине Паоло. Вашето наследство како брилијантен извор на креативна инспирација ќе продолжи да ги инспирира идните генерации“, додадоа од компанијата.

Семејството Булгари беше познато по употребата на впечатливи скагоцени камења, богато жолто злато, раскошни пропорции и неочекувани комбинации на бои – елементи што го издвојуваа нивниот стил од понежната естетика карактеристична за париските куќи за накит.

Компанијата се прошири на пазарот за луксузни производи, проширувајќи ја својата понуда надвор од накитот, вклучувајќи часовници, парфеми, производи од кожа и хотели.

Меѓу славните клиенти на брендот беа Елизабет Тејлор, Одри Хепберн, Мерилин Монро, Ингрид Бергман, Софија Лорен, Ен Хатавеј, Зендаја и Ријана.

„Секој момент може да биде извор на инспирација. Во креативноста нема правила. Никогаш“, велеше Паоло Булгари.

Во 2011 година, семејството продаде контролен удел на француската групација за луксузни производи LVMH, во зделка проценета на приближно 3,7 милијарди евра. Во 2019 година, Паоло Булгари и неговата сопруга ја основаа Фондацијата „Паоло Булгари“, чија цел е да им даде поддршка на младите преку образование и стручна обука во сиромашните населби во периферијата на Рим.

Паоло Булгари ќе биде погребан денеска во Рим.

ИЗДВОЕНИ