Приказната за атлетичарката Марија Андрејчик е една од најубавите приказни во светот на спортот. Но, не поради нејзините резултати, туку поради човечките квалитети што Полјачката ги покажа по освојувањето на среброто на Олимписките игри во Токио.
Андрејчик го освои сребрениот медал во фрлање копје во Токио. За неа, медалот имаше уште поголема тежина, бидејќи во претходните години помина низ тежок период: повреди на рамото, операции, па дури и дијагноза на остеосарком (вид рак на коските) во 2018 година.
Сепак, само неколку дена по враќањето во татковината, Марија објави на социјалните мрежи дека го става својот медал на аукција.
View this post on Instagram
Причината? Таа сакаше да собере пари за операција на срце за осуммесечно бебе по име Милош Малиша. Момчето имаше тешка срцева маана и итно му беше потребна операција во Соединетите Држави.
„Вистинската вредност на медалот е во тоа што секогаш останува во срцето. Медалот е само еден предмет, но може да биде многу повреден за другите. Овој медал може да спаси животи. Затоа решив да го ставам ова сребро на аукција и да помогнам“, рече Марија, наведува „Спортал“.
Полскиот синџир продавници „Жабка“ се појави на аукцијата и победи со понуда од околу 125.000 долари.
Со парите што веќе беа собрани од граѓаните, тоа беше доволно за да му се даде шанса на Милош за живот.
Дополнително, компанијата јавно одби да го земе медалот – нагласувајќи во соопштението дека сите биле толку трогнати од гестот на Марија што медалот морал да остане кај неа.












